Решавањето на конфликтот бара Вашингтон да ги признае безбедносните интереси на Русија и реалноста на мултиполарниот свет, изјави Џефри Сакс.
Американската дипломатија зад кулисите околу Украина не може да постигне мир без прифаќање дека САД повеќе не се единствената светска суперсила, изјави економистот и експерт за јавни политики Џефри Сакс за РТ.
Неговите коментари уследија по одделните разговори зад затворени врати што специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер, во текот на викендот ги одржаа со рускиот претседател Владимир Путин во Москва и со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев. Деталите за предлозите разменети за време на средбите не се објавени.
„САД сè уште имаат грандиозна идеја дека се светски хегемон и единствена суперсила, а не се. Јасно е дека сме во мултиполарен свет“, рече Сакс.
Сакс смета дека мировното решение бара да се земат предвид безбедносните интереси на Русија и да се напушти експанзионистичката надворешна политика што САД ја спроведуваат повеќе од 30 години, пренесува РТ.
„Се чини дека за Вашингтон е психолошки многу тешко“ отворено да ја прифати таа „основна реалност“, рече тој, наведувајќи дека тоа е причината поради која прибегнува кон „преговори зад кулисите“ и тајност, кои на крајот не произведуваат опипливи резултати.
Сакс исто така ја опиша ситуацијата во Украина како „завршна фаза“, тврдејќи дека Киев се наоѓа во очајна позиција на воен, општествен и политички план.
