Сириска нуклеарна постројка од времето на владеењето на претседателот Башар ел Асад била проектирана за производство на материјал што можел да се користи за нуклеарно оружје, изјави денеска генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси. Како што наведе, нуклеарниот реактор, чие постоење го истражувала агенцијата на Обединетите нации во соработка со новите сириски власти, можел да произведува фисионен материјал погоден за изработка на оружје, пренесува Ал Џезира.
„Станува збор за реактор кој е многу ефикасен во производството на фисионен материјал што би можел директно да се користи за изработка на нуклеарно оружје“, истакна шефот на МААЕ на прес-конференција во Виена.
Изјавите на Гроси уследија една недела откако агенцијата на ОН во доверлив извештај откри дека во август посетила неколку локации во Сирија и извршила проверки, пренесува Ал Џезира.
Врз основа на наодите на локацијата Деир ез Зор, агенцијата потврдила дека сега откриената инфраструктура за ладење одговара на онаа што се користи кај нуклеарен реактор.
МААЕ соопшти дека ќе продолжи да ги следи активностите на локацијата „како што ќе напредуваат ископувањата“.
Се сметало дека Сирија, под поранешниот претседател Башар ел Асад, спроведувала обемна, непријавена нуклеарна програма која вклучувала нуклеарен реактор изграден со помош на Северна Кореја во Деир ез Зор, наведува Ал Џезира.
За тоа се дознало дури откако израелски воздушни напади во 2007 година ја уништиле постројката. Сирија подоцна ја срамнила локацијата со земја и никогаш целосно не одговорила на прашањата на МААЕ во врска со објектот.
Гроси изјави дека инспекторите, при посетата на локацијата во август, морале да рушат ѕидови и да минуваат низ многу тешки и тесни премини за да стигнат до скриениот нуклеарен материјал.
Тој нагласи дека е важно што материјалот сега е под надзор на МААЕ, додавајќи дека инспекторите на агенцијата успеале да постават камери на локацијата.
Се верува дека Израел поседува сопствена непријавена програма за нуклеарно вооружување, што би го правело единствената земја на Блискиот Исток за која се верува дека поседува нуклеарно оружје. Израел, сепак, ниту потврдил ниту негирал дека располага со нуклеарно оружје, наведува катарската телевизија.
МААЕ соопшти дека поранешните сириски власти не пријавиле нуклеарен материјал, постројки и активности.
Покрај нуклеарниот реактор во Деир ез Зор, МААЕ навела и постројка за производство на гориво, каде што се произведувало нуклеарно гориво за реакторот, како и складиште за нуклеарно гориво, остатоци од ураниум и отпад.
За време на посетата на Сирија минатиот месец, тимот на МААЕ посетил и претходно непријавена локација, пренесува Танјуг. Сириската управа, составена од групата што го собори Асад во 2024 година, ја известила агенцијата за постоењето на локацијата во јули и ги поканила нуклеарните инспектори да ја истражат.
МААЕ и во своите претходни извештаи наведе дека објектот во Деир ез Зор многу веројатно бил нуклеарен реактор што требало да биде пријавен до агенцијата, а во 2011 година утврди дека неговата непријавена изградба претставувала неисполнување на обврските на Сирија според Договорот за неширење на нуклеарното оружје.
