Полицијата во германската покраина Саксонија пронашла 12 домашно изработени експлозивни направи на далеководи, со што спречила обид за напад врз електроенергетската мрежа во окрузите Бауцен и Герлиц.
Експлозивните направи биле деактивирани, соопшти полицијата во Герлиц и јавното обвинителство во Дрезден. Од претпазливост, продолжува пребарувањето на електроенергетската инфраструктура, пренесе радиото „Дојчландфунк“.
Властите во Саксонија наведуваат дека истражуваат можна поврзаност со слични случаи на пронаоѓање експлозивни направи во Бранденбург и Северна Рајна-Вестфалија.
Полицијата трага по осомничен кој ја презел одговорноста за овие напади врз системот за снабдување со електрична енергија, а истражителите пронашле експлозив во станот на 48-годишниот маж.
Во писмото во кое наводно ја презел одговорноста, осомничениот се изјаснил против производството на електрична енергија од фосилни горива.
Во меѓувреме, полицијата во Ерфурт, главниот град на Тирингија, соопшти дека на едно поле била пронајдена сомнителна домашно изработена експлозивна направа.
Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт во тој контекст зборуваше за „климатски тероризам“, додека министерот на Северна Рајна-Вестфалија, Реул, исто така ги осуди нападите.
„Секој што го загрозува снабдувањето на болниците со електрична енергија не ја штити климата, туку ги загрозува човечките животи“, изјави политичарот од редовите на ЦДУ.
Непознати лица во вторникот наутро, со помош на импровизирани летечки направи, слични на ракети за огномет, насочувале проводлив материјал кон високонапонските далеководи и предизвикале прекини во снабдувањето со електрична енергија.
