Загреб денеска е во знакот на голем граѓански протест поради проблемот со незаконски одложениот отпад во околината на Госпиќ. Под мотото „Оди за Лика, оди за Хрватска“, граѓани од различни делови на земјата се собраа во центарот на хрватската престолнина, барајќи од Владата конкретни рокови и итна санација на локациите каде што се наталожени десетици илјади тони отпад.
Протестот го организира граѓанската иницијатива „Госпиќ е нашиот дом“, која од самиот почеток инсистира дека случајот со Лика не смее да се третира само како локален проблем. Организаторите предупредуваат дека станува збор за прашање што ја засега цела Хрватска, особено начинот на кој институциите го контролираат и управуваат со отпадот.
Протестната колона тргна од подрачјето на Главната железничка станица, односно од плоштадот „Крал Томислав“, и се упати кон центарот на Загреб. Планираната траса минуваше преку плоштадот „Јосип Јурај Штросмаер“, плоштадот „Никола Шубиќ Зрински“ и Прашка улица, до плоштадот „Бан Јосип Јелачиќ“, каде што беше предвиден централниот дел од протестот.
Според проценките на хрватските медиуми, на протестот се собраа повеќе илјади граѓани, а во Загреб пристигнаа учесници од различни делови на Хрватска – од Лика и Далмација, до Истра, Славонија и други региони.
Со тапани, свирежи и труби, демонстрантите поминаа низ центарот на градот, додека полицијата ја обезбедуваше трасата и сообраќајот на дел од улиците беше прекинат.
Главното барање на граѓанската иницијатива е Владата во рок од 20 дена да претстави целосен и конкретен план за санација на локациите каде што е незаконски одложен отпадот.
Особено бараат да се утврдат обврзувачки рокови за секоја фаза од процесот, наместо, како што велат, проблемот да се одложува од година во година.
Едно од најважните барања е околу 33.000 тони закопан отпад да бидат отстранети во рок од три месеци.
Покрај тоа, граѓаните бараат комуналната депонија „Ракитовац“ да биде вклучена во Планот за управување со отпад, како и ангажирање независни експерти кои би изработиле долгорочен план за мониторинг и би спровеле независна проценка на ризикот.
Податоците за количината на отпадот варираат зависно од тоа што се вклучува во проценката. Според поширока проценка на Фондот за заштита на животната средина, на локацијата има речиси 45.000 тони отпад, при што околу 33.000 тони се однесуваат на закопаниот отпад, а дополнителни количини се наоѓаат во силоси и вреќи.
Организаторите сакаат протестот да испрати порака дека проблемот со отпадот во Госпиќ не е изолиран случај.
Тие предупредуваат дека Лика е само еден од примерите за пошироки проблеми со управувањето со отпадот во Хрватска и бараат промени во системот, подобра контрола и јасна одговорност за оние кои дозволиле незаконско одлагање.
На протестот учествуваат претставници на повеќе граѓански иницијативи, здруженија и синдикати. Организаторите претходно нагласија дека не сакаат протестот да биде партиски настан и дека на говорницата нема да има политички говори. Иако меѓу присутните има и опозициски политичари, централната програма е наменета за граѓанските иницијативи и здруженијата.
Поддршка за протестот пристигна и од различни делови на Хрватска, а организиран превоз кон Загреб беше најавен од повеќе градови.
Владата уверува дека отпадот ќе биде саниран
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ претходно изјави дека заканата од загадување не смее да се занемари и дека депонијата во Госпиќ ќе биде санирана.
Пленковиќ во пресрет на протестот го посети Госпиќ, каде што со надлежните институции и локалните власти разговараше за мерките што треба да се преземат за отстранување на незаконски одложениот отпад.
Од Владата уверуваат дека проблемот ќе биде решен, но граѓаните бараат нешто повеќе од уверувања – точни рокови, конкретен план и одговорност.
Токму тоа е главната порака од денешниот протест во Загреб: отпадот мора да биде отстранет, ризиците да бидат независно проценети, а јавноста да добие јасен одговор кој дозволил во околината на Госпиќ да се создаде ваков проблем.
За организаторите, борбата не завршува со еден протест. Тие најавуваат дека ќе продолжат да вршат притисок врз институциите сè додека не добијат конкретни одлуки и рокови за санација.
