Новата еврообврзница, чие издавање е планирано во 2027 година, е дел од навременото обезбедување средства за финансирање на обврските на државата, меѓу кои и отплатата на значителен износ на стари долгови што достасуваат следната година, а земени од претходната Влада.
Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со обвинувањата на опозицијата за ново задолжување на Владата од 1,3 милијарди евра.
Министерката посочи дека информацијата за новата еврообврзница сè уште не е разгледана на седница на Владата, но дека Министерството за финансии мора навремено да се подготви за обврските што достасуваат во 2027 година.
„Долгот што опозицијата го остави за 2027 година е скоро една и пол милијарда евра. Тоа се долгови кои тие ги имаат направено и ние треба да ги вратиме. Легитимно е дека мора навремено да се организираме, да обезбедиме средства за да ги вратиме старите долгови. Не можеме да го занемариме фактот дека скоро една и пол милијарда евра треба да вратиме стари долгови“, рече Димитриеска-Кочоска.
Таа нагласи дека токму оние што до 2024 година раководеле со институциите треба добро да знаат какви обврски оставиле за отплата во наредните години. Оттука, оцени министерката, неосновано е денес да се критикува обезбедувањето средства за сервисирање на долгови кои биле создадени претходно.
Покрај овие обврски, во 2027 година достасуваат и државни записи со рок од 12 месеци во износ од околу 1,1 милијарда евра. Истовремено, согласно Фискалната стратегија, за 2027 година е предвиден буџетски дефицит од 3,5% од БДП, кој исто така треба да се финансира.
Димитриеска-Кочоска потенцираше дека при оценувањето на задолжувањето не може да се зема предвид само износот што државата го позајмува, а намерно да се занемарува износот на долгот што истовремено се отплаќа. Таквото собирање на секое ново позајмување и негово претставување како целосно нов долг, без да се прикажат обврските што со тие средства се отплаќаат или рефинансираат, не ја дава реалната слика за движењето на јавниот долг.
Новото задолжување што се користи за отплата или рефинансирање на постојни обврски не значи дека јавниот долг автоматски се зголемува за целиот позајмен износ.
Како пример, министерката посочи дека истото важи и при рефинансирање кредит кај домаќинствата – ако се земе нов кредит за да се отплати постоечки, долгот не се зголемува за целиот износ на новиот кредит, бидејќи истовремено се отплаќа старата обврска.
Министерката истакна дека Министерството за финансии транспарентно ги објавува податоците за јавниот долг и дека навременото планирање на изворите на финансирање е неопходно за редовно и непречено сервисирање на обврските на државата.
