Советничката на Левица во Советот на Град Скопје, Евгенија Станкоска, на седницата за ребаланс на буџетот го потсети градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на неговото директно ветување од јуни дека иницијативата на Левица за субвенционирање кирии за жртви на семејно насилство ќе биде реализирана со обезбедување средства во наредниот ребаланс на Буџетот на Град Скопје.
Од Левица велат дека пред само два месеци, при разгледувањето на иницијативата на советничката група на Левица, Ѓорѓиевски не само што ја поддржа иницијативата и повика сите советници да гласаат ЗА неа, туку најави конкретни чекори за нејзина реализација.
„Ќе имаме средства во наредниот ребаланс на Буџетот за да ја усвоиме и сумата која ќе можеме да ја практикуваме, но треба неколку параметри да исполниме. Прво, работна група да направиме, па комисија да направиме и да ги предвидиме во нареден ребаланс средствата“, изјави тогаш градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Иницијативата на Левица за субвенционирање кирии за жртвите на семејно насилство беше изгласана од мнозинството во Советот на Град Скопје, но не и од СДСМ. Меѓутоа, два месеци подоцна, ветените средства ги нема во актуелниот ребаланс, а не е започнат ниту процесот кој самиот градоначалник го најави како предуслов за нивно обезбедување.
„Сега, два месеци подоцна, не само што не гледаме изменета програма или ставка за субвенции за кирии за жртви на насилство во ребалансот, туку не е ни почната работата. Нема ни работно тело, ништо – апсолутно ништо не се случува. Ова не само што беше ветено вербално, туку има и видеозапис и стои и во самиот записник на седницата“, истакна Станкоска.
Советничката на Левица се обрати и до советничката група на ДПМНЕ, потсетувајќи дека токму тие гласале за иницијативата која сега останува нереализирана.
„Дали вие не се чувствувате изиграни? Дали не се чувствувате издадени од градоначалникот? Вие гласавте за оваа иницијатива. Вие останавте, гласавте за ова по наредба на вашиот градоначалник и сега градоначалникот не постапува ни по сопственото ветување, ниту по одлуката која ја изгласа неговата советничка група“, рече Станкоска.
Таа посочи дека дополнително е проблематично што градоначалникот не присуствувал на седницата за да објасни зошто ветената мерка не е вклучена во ребалансот, иако во јавноста продолжува да се претставува како загрижен за положбата на жртвите на семејно насилство.
„Алал да му е на градоначалникот за образот што го има да не се ни појави на седницава да ми објасни зошто не е ова ставено во ребалансот, а дополнително да оди во јавност и да се прави како загрижен граѓанин, особено на оваа тема, кога со прст нема помрднато“, истакна таа.
Во расправата, Станкоска повторно го отвори и прашањето за имотната состојба на Град Скопје. Таа посочи дека веќе четири до пет месеци чека да ѝ биде доставен завршениот попис на имотот на Градот за 2025 година, иако, според одговорот што го добила, пописот бил завршен во законскиот рок.
Советничката објасни дека токму увидот во имотната состојба е важен за да се утврдат реалните можности на Град Скопје за обезбедување поголема институционална и станбена поддршка за жртвите на семејно насилство.
Станкоска потсети дека градоначалникот претходно направи обемна ПР-кампања околу обезбедувањето на стан од 30 квадратни метри за жртви на семејно насилство, кој бил даден на едногодишно управување на невладина организација.
„Очигледно Град Скопје има многу поголема имотна состојба и може да направи многу повеќе за тие жртви, меѓутоа се вади дека си ја завршиле работата – дале еден стан од 30 метри квадратни. А кога дојде време да се реализира конкретната иницијатива и да се предвидат средства во ребалансот, како што самиот градоначалник вети, нема ништо“, рече Станкоска.
Таа побара од претставниците на кабинетот на градоначалникот да дадат одговор зошто не е започнато формирањето на најавената работна група и зошто не се предвидени средства за субвенционирање кирии во актуелниот ребаланс, како и дали мерката ќе биде вклучена во некој од наредните ребаланси. Одговор сѐ уште нема.
Левица останува посветена на изнаоѓање и предлагање конкретни системски мерки за намалување на семејното насилство, но и за обезбедување реална институционална поддршка за неговите жртви. Помошта за жените и семејствата кои се соочуваат со насилство не смее да се сведе на симболични решенија, туку мора да обезбеди конкретни механизми за заштита, економска сигурност и можност жртвите да го напуштат насилниот дом. Левица ќе продолжи да инсистира градската власт да преземе конкретни мерки и да ги реализира ветувањата кои самата јавно ги дала и за кои Советот веќе донел одлука.
