Ангелов: Голем пожар во атарот на селата Локов и Буринец, драматично e и во Боговиње

Од:

Опасноста од пожари останува и нивниот број е сѐ уште многу висок, тие ги исцрпуваат пожарникарите и сите останати коишто секојдневно учествуваат во нивното гасење, изјави денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

Според него, во текот на вчерашниот ден регистрирани се 26 пожари на отворен простор, а во моментов тежок пожар има на територијата на општина Струга, во атарот на селата Локов и Буринец.

– Се работи за шумски пожар каде што пред сѐ гори неквалитетна шума, на некои места грмушки и трња, но постои опасност истиот да навлезе и во квалитетна шума, поради што разгледувавме можност за употреба на хеликоптер. Но, во топлите часови од денот, употребата на хеликоптерот е лимитирачка. Овде на лице место се упатени повеќе екипи на Национални шуми коишто се обидуваат да дојдат до попрецизни информации на кој начин овој пожар ќе биде ставен под контрола, информира Ангелов.

Тој посочи дека доцна синоќа имало драматична ситуација на територијата на општина Боговиње, во атарот на селата Урвич и Јеловјане, каде што огнот кој се симнувал по папратта и сувата трева, на надморска височина од околу 1.400 метри, се приближил кон селото Јеловјане.

– Но, од страна на храбрите пожарникари од Тетово, од коишто побарав да отидат да помогнат на локалното население, огнот беше сопрен на самиот пат. Поддршка дадоа и повеќе жители од локалното население овде од двете загрозени села. Во овој момент состојбата таму е стабилна, огнот е ставен делумно под контрола и не загрозува ниту едно населено место, ниту пак е зафатена квалитетна шума, истакна директорот на ДЗС.

Вчера доцна попладне, додаде, избил пожар и на територијата на општина Штип, во атарот на село Селце, во близина на вештачкото езеро Мантово, во падините на планината Серта.

– Во текот на ноќта и рано утрово штипските пожарникари, со поддршка на огнен тим на Дирекцијата за заштита и спасување составен од доброволни пожарникари од Штип, работат на ставање под контрола на овој пожар. Рано утрово таму испративме и еден полициски хеликоптер којшто значително им помогна на пожарникарите да биде ставен под контрола еден крак од овој пожар. Очекувам во текот на денот да биде ставен под целосна контрола, а веднаш потоа и целосно изгаснат. Зафатена е претежно ниска вегетација: трева, трње, грмушки и друг тип на ниска вегетација, рече Ангелов.

Алепира до граѓаните да бидат внимателни, вегетацијата е многу сува и доволна е само една искра за вистинска катастрофа.

– За жал, и во текот на денешниот ден очекуваме појава на нови пожари, поради што повторно ја користам оваа прилика да апелирам до сите македонски граѓани, и покрај тоа што денес е 1 септември и започнува учебната година, опасноста од пожари сѐ уште не е намалена, сѐ уште е висока, поради што апелирам до граѓаните да бидат исклучително внимателни. Вегетацијата е многу сува и доволна е само една искра за вистинска катастрофа, истакна Ангелов.

Би можело да ве интересира

Активни се два пожара на отворен простор, четири се ставени под контрола

Денеска активни се девет пожари, а три се под контрола

Под контрола пожарот кај Пелистер, пожарникарите спречуваат ширење кон шумата

Горан Наумовски

Активни се седум пожари, а 16 се изгаснати

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Ангелов: Пожарот на Пелистер не стивнува – на терен се пожарникари, механизација и воздухоплови

Горан Наумовски

Пожарот во Националниот парк „Пелистер“ локализиран, противпожарни единици цела ноќ на терен