Неколку патници спасени од ферибот што се преврте на Кипар тврдат дека се случила експлозија на предниот дел од бродот непосредно пред несреќата.
Еден преживеан изјави за локална телевизија дека „предниот дел експлодирал“, по што страничните прозорци се скршиле и бродот почнал да се полни со вода. Тој исто така тврди дека капетанот бил меѓу првите што го напуштиле бродот, „без никаква организација“.
Друг преживеан рече дека претходно го пријавил навлегувањето на вода на екипажот.
„Седиштата почнаа да лебдат, капетанот продолжил да плови, а потоа прамецот експлодираше“, рече тој.
Причината за наводната експлозија сè уште не е потврдена.
Преживеаните исто така тврдат дека „Фило Џет“ испловил во бурно време и дека патниците побарале да се вратат во пристаништето кратко по заминувањето, изјави за „Скај њуз“ новинарката од турските Кипари Тумај Туѓан.
„Штом испловиле, наишле на бура. Сите патници побарале да се вратат, но не се врати“, рече таа.
Капетанот и седумте членови на екипажот се уапсени, а се очекува истрага да утврди зошто бродот испловил и дали имало некакви пропусти во проценката на временските услови.
Досега осум лица загинаа, додека 18 сè уште се водат како исчезнати. Властите на Северен Кипар прогласија тридневна жалост, која ќе трае до среда, објавија кипарските медиуми.
