Непалската армија објави снимка од драматичното спасување на двајца мажи од тунел на хидроцентрала во областа Расува, едно од најтешко погодените подрачја по катастрофалните поплави и одрони.
На снимката се гледа како војници ги извлекуваат двајцата мажи, целосно прекриени со кал, од тунелот. Потоа, по лизгав терен полн со наноси, ги носат по стрмната падина. Еден од спасените војниците го носеле на грб.
Од армијата соопштија дека спасувачката акција била дополнително отежната поради исклучително непристапниот терен и опасните услови во подрачјето погодено од поплавите.
Непалската армија утрово ги засили операциите за потрага и спасување околу хидроенергетските објекти во Расува.
По течението на реката Тришули се наоѓаат неколку хидроцентрали и проекти што се во изградба, а поплавите и одроните предизвикале голема материјална штета.
Непалските државни медиуми претходно објавија дека 60 работници на хидроенергетски проект што е во изградба се водат како исчезнати, откако надојдената вода сериозно го оштетила градилиштето.
Во одделен случај, најмалку деветмина вработени во две јужнокорејски енергетски компании, кои работеле на хидроцентрала покрај реката Тришули, се водат како исчезнати.
Областа Расува се наоѓа на границата со кинески Тибет и е меѓу најтешко погодените во катастрофата.
Поројните поплави, предизвикани од уривање на глечер, однесоа мостови, патишта и цели населби, поради што до многу локации може да се стигне само со хеликоптер.
Непалската полиција соопшти дека бројот на загинати пораснал на најмалку 475, додека потрагата по исчезнатите продолжува.
