Македонија има потреба од одржливо рударство – „Иловица-Штука“ како можност за нов стандард

Од:

„На Македонија и е потребно рударство кое нема да биде спротивставено на зелената транзиција, туку ќе биде еден од предусловите за нејзино остварување“, истакна научниот соработник во МАНУ, Александар Дединец, на настанот по повод Денот на рударите.

Пренесувајќи ги пораките од Стратегијата за минерални суровини 2026–2046, чиј носител е МАНУ, Дединец порача дека дебатата во земјава не треба да се сведува на прашањето „за или против рударството“, туку на тоа „какво рударство сакаме“.

Според него, одговорот е во развој на одржливо и научно засновано рударство, кое ќе овозможи користење на минералните ресурси, но истовремено ќе обезбеди заштита на животната средина.

Во овој контекст, проектите како „Иловица-Штука“ можат да бидат важен тест за тоа дали Македонија може да воспостави модел во кој економскиот развој и еколошките стандарди ќе одат паралелно.

„Имаме што да понудиме. Иако сме мала држава нашиот геолошки состав ни дава значаен и разновиден минерален потенцијал. Стратегијата ги препознава бакарот, среброто, златото, оловото, цинкот, никелот, хромот, манганот, но и значаен број на наметалични минерални суровини, како и јагленот и водата за пиење. Тоа е потенцијал кој не треба ниту да го преценуваме, но ниту да го игнорираме. Треба паметно да го истражиме, да знаеме со што располагаме“, нагласи научниот соработник во МАНУ, во име на тимот кој работел на текстот на Стратегијата.

Според него, Македонија има минерални суровини и долгогодишна рударска традиција, а зелениот раст без пристап до суровини за зелените технологии е недостижен.

„Не можеме да зборуваме за идниот економски развој без да зборуваме за енергија. Не можеме да зборуваме за иднина на енергетиката без да зборуваме за климатските промени, а се повеќе станува јасно дека не можеме да зборуваме за декарбонизација и зелена транзиција без да зборуваме за минералните суровини… За да изградиме нискојаглеродна економија ќе ни бидат потребни повеќе, а не помалку од одредени минерални суровини. Нема соларни електрани без минерални суровини, нема ветерни електрани без метали, нема електрични возила, батерии, мобилни телефони и современа електроника без суровини кои некаде треба да бидат истражени, ископани, преработени и ставени во функција. Токму затоа во Стратегијата е нагласено дека металите се предуслов за современите технологии…“, заклучи Дединец.

Инаку, според последните податоци, во 2025 година во Македонија биле произведени 130.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат, а рударството учествувало со 10,9 проценти во индустриското производство и со 2,8 проценти во вкупниот извоз на државата.

Би можело да ве интересира

Европа бара критични минерали, Македонија својот потенцијал го има во бакарот

Македонија има потенцијал за критични минерали, но само Иловица има активна инвестиција

Поддршка од жителите на Иловица за рудникот: Инвестицијата може да донесе работа и да го спречи иселувањето

Од Иловица до Вашингтон: компанија поврзана со Трафигура доби дел од американскиот фонд од 500 милиони долари

А1он

Додека Бугарија ги зголемува приходите од рударството, Македонија не заработува од бакарот во Иловица

Турција го реорганизира рударството за да ја намали зависноста од увоз, Македонија не го активира ниту потенцијалот на Иловица