ВИДЕО: Германија да го укне еврото, да излезе од Шенген и да ги затвори границите, најавува шефицата на АФД

Од:

Лидерката на Алтернатива за Германија (AfD), Алис Вајдел, изјави дека нејзината партија, доколку влезе во сојузната влада, ќе бара Германија да излезе од еврозоната и Шенгенскиот простор, да ги затвори националните граници и значително да ја заостри миграциската политика.

Вајдел ова го изјави во интервју за германската телевизија ZDF, емитувано вчера.

„На Германија ѝ беше значително подобро пред воведувањето на еврото“, рече Вајдел, тврдејќи дека заедничката европска валута го ослабела германското стопанство и го намалила богатството на домаќинствата.

Зборувајќи за миграцијата, Вајдел најави затворање на германските граници и излез од Шенгенскиот простор.

„Ќе ги затвориме и ќе излеземе од Шенген“, рече таа.

Таа се заложи и за поголем број депортации и за ограничување на доделувањето германско државјанство, како и за враќање на Сиријците на кои повеќе не им важи статусот на заштита.

Вајдел истовремено ги критикуваше Христијанско-демократската унија (CDU) на канцеларот Фридрих Мерц и министерот за финансии од редовите на СПД, Ларс Клингбајл. Повторно ја нападна и CDU поради одбивањето да соработува со AfD.

„Ќе владееме во првите сојузни покраини. А ќе владееме и на сојузно ниво“, порача таа.

Во пресрет на изборите на 6 септември во Саксонија-Анхалт, AfD според наведеното истражување има поддршка од повеќе од 40 отсто од гласачите.

На национално ниво, Forschungsgruppe Wahlen на AfD му дава 27 отсто поддршка, наспроти 22 отсто за CDU. Најновиот ZDF Politbarometer покажува и силна позиција на AfD пред септемвриските избори во источните германски покраини.

Вајдел повторно го отфрли и планираното укинување на новите автомобили со мотори со внатрешно согорување, како и мерките насочени кон намалување на последиците од климатските промени предизвикани од човековата активност.

Алтернатива за Германија (AfD) е основана во 2013 година како евроскептична партија која се противеше на политиката за спасување на задолжените членки на еврозоната.

По мигрантската криза во 2015 година, партијата значително се придвижи надесно, а во центарот на својата политика ги стави противењето на имиграцијата и исламот, како и многу покритичкиот однос кон Европската Унија.

На предвремените парламентарни избори во февруари 2025 година, AfD освои 20,8 отсто од гласовите и заврши на второто место, зад CDU. Со 152 пратеници стана најголема опозициска партија во Бундестагот.

Другите водечки германски партии досега одбиваат коалициска соработка со AfD, одржувајќи го таканаречениот „заштитен ѕид“ кон крајната десница.

Во мај 2025 година, германската Федерална канцеларија за заштита на уставот (BfV) ја прогласи AfD за потврдена екстремно десничарска екстремистичка партија.

Сепак, Управниот суд во Келн во февруари годинава привремено му забрани на BfV да ја означува и третира AfD на тој начин додека не биде донесена одлука во главната судска постапка. Судот оцени дека и понатаму постои силно сомневање за противуставни тенденции во партијата, но дека засега не е доволно утврдено оти тие ја карактеризираат AfD во целина.

Алис Вајдел (47) е една од двете сојузни лидерки на AfD, заедно со Тино Хрупала, а од 2017 година го предводи и пратеничкиот клуб на партијата во Бундестагот.

На AfD ѝ се приклучила во 2013 година, истата година кога е основана партијата.

По професија е економистка. Студирала економија и бизнис-администрација и докторирала економија. Пред да влезе во политиката работела, меѓу другото, за Goldman Sachs и Allianz Global Investors. Повеќе години живеела во Азија, особено во Кина, и зборува мандарински.

На изборите во 2025 година беше прва кандидатка на AfD за германска канцеларка. Под нејзино раководство партијата го постигна најдобриот резултат на сојузните избори во својата историја, со повеќе од десет милиони освоени гласови.

Во приватниот живот, Вајдел отстапува од традиционалниот профил на партијата, чие раководство често нагласува конзервативни семејни вредности. Таа живее во истополовa заедница со партнерката, која потекнува од Шри Ланка, и заедно одгледуваат два сина.

Би можело да ве интересира

Германските компании во неволја, сè потешко се наоѓаат квалификувани работници

А1он

Нема доволно гас: Германија стравува за зимата

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Силно невреме ја погоди Германија: потврдено торнадо, загина жена, оштетени десетици куќи

Германија мобилизира армија од 460.000 луѓе: Масовниот одзив на регрути ја изненади јавноста

Банкротираа илјадници компании во Германија

Големиот пожар од Белгија се приближува до Германија: Жителите на Моншау им е наредена