Повредено лице со скршеници на двете потколеници попладнево е спасено од непристапен терен над Мало Езеро на Пелистер.
Лицето е извлечено и транспортирано до Инфоцентарот на Пелистер каде ќе биде преземено од екипа на Итната медицинска помош Битола и транспортирано до Клиничката болница во Битола за понатамошно лекување.
Повикот за помош е примен на Единствениот број за итни повици 112 во 12:04 часот по што се активирани надлежните институции.
– Лицето се здобило со скршеници на двете потколеници и било во свесна состојба, но при движење имало и крварење. Веднаш по приемот на пријавата, преку ПОРКОА РЦУК Битола беа известени сите надлежни служби, меѓу кои Итната медицинска помош, СВР Битола, ДЗС Битола, ТППЕ Битола и Националниот парк „Пелистер“. Екипа на ДЗС Битола веднаш се упатила кон повреденото лице, додека Националниот парк „Пелистер“ ја активира ренџерската служба. Поради непристапноста на теренот, беше побарана и воздушна поддршка за транспорт на повредениот. Во меѓувреме, тимот на ДЗС Битола успеал да стигне до повреденото лице и со теренско возило започнал негов транспорт. Во 13:45 часот, екипите на ДЗС Битола и Националниот парк „Пелистер“ се пресретнале кај м.в. Ловечка Куќа, каде што лекар од Итната медицинска помош Битола му укажал медицинска помош на повредениот, информира попладнево Центарот за управување со кризи.
