Во невесинските села Пресјека, Кљуна, Боровчиќи и Ковачиќи е прогласена вонредна состојба поради пожар кој стигна до куќите и ги загрозува луѓето и имотот, изјави градоначалникот на општина Невесиње, Миленко Авдаловиќ. Вонредната состојба ја прогласи Штабот за вонредни ситуации на Невесиње, а Авдаловиќ додаде дека ситуацијата е катастрофална и алармантна, пренесува РТРС.
Više požara danas je aktivno na području opštine Nevesinje. @AtvBanjaluka pic.twitter.com/ZCJzEm4010
— Bojan Nosović (@BojanNosovicATV) August 11, 2026
„Животот и имотот на луѓето се во опасност. Распоредени се сите расположиви сили, нашите пожарникари се постојано на терен“, нагласи Авдаловиќ, додавајќи:
„Прогласивме вонредна состојба во тој дел од општината. Во контакт сме со Републичката цивилна заштита. Мислам дека денес ќе биде распореден и хеликоптер, но главната цел сега е да се заштитат домаќинствата, за пожарот да не стигне до куќите. Ветерот дува силно и тоа предизвикува најголеми проблеми“, рече Авдаловиќ.
Тој изјави дека на терен се членови на Цивилната заштита, работници од Шумарскиот оддел, како и волонтери, и додаде дека пожарникари од Гацко, Билеќа, Ластва кај Требиње, исто така, дошле да помогнат.
