„Повторно водата во Гостивар не е безбедна за пиење“, обвини претседателот на СДММ, Трајче Стојчевски, на денешната прес-конференција.
Тој рече дека и по пет недели од почетокот на кризата, граѓаните на Гостивар сè уште не смеат да ја користат водата од чешма за пиење.
„По сите најави, по сите ветувања, по сите анализи што покажуваат подобрување – граѓаните сè уште не смеат да ја пијат водата од чешма. Веќе пет недели. Температурите се многу високи, граѓаните немаат вода“, рече Стојчевски.
Според него, локалниот кризен штаб ја продолжува забраната, а вода се дели на пет локации. Тој додаде дека селата и делови од градот сè уште користат техничка вода.
„Граѓаните веќе јасно разбираат: зборот на Мицкоски и на организираната криминална група ВМРО ништо не вреди“, изјави Стојчевски.
Од СДСМ обвинија дека проблемот со безбедноста на водата не е изолиран случај и дека во повеќе од 50 населени места низ државата водата не е чиста.
Стојчевски се осврна и на состојбата со реките, посочувајќи дека по, како што рече, хемиското загадување на Лепенец и Вардар, сега слични сцени се гледаат и на Тополка и Бабуна.
„Според најновите анализи на Центарот за јавно здравје – Велес, реките Тополка и Бабуна се микробиолошки загадени и не се препорачуваат за капење. Бидејќи езерото Младост е под забрана веќе две години, единствена безбедна опција за граѓаните останува градскиот базен“, рече тој.
Во однос на кризата со водата во Гостивар, Стојчевски ја обвини власта дека на почетокот на кризата го криела и минимизирала проблемот.
„Сè е по истиот принцип. Прво се крие. Потоа се најавува. На крај граѓаните остануваат без безбедна вода, а тие продолжуваат со прес-конференции“, рече претседателот на СДММ.
Тој оцени дека поради, како што тврди, повтореното неточно информирање од страна на власта, граѓаните ја губат довербата во институциите.
„Кога една власт постојано лаже за основните работи – вода, воздух, здравје, тогаш повеќе никој не верува ниту на една нивна изјава. Гостивар е само најновиот доказ“, порача Стојчевски.
