Земјоделците од Струмичко и денеска повторно излегоа на протест поради незадоволството од откупната цена на црвената пиперка „ајварка“.
Производителите бараат повисока откупна цена, со образложение дека актуелните услови не ги покриваат трошоците за производство и вложувањата во текот на сезоната.
На протестот земјоделците истакнаа транспаренти со пораки до откупувачите и трговците, преку кои го изразија незадоволството од состојбата на пазарот. Тие предупредуваат дека ниските откупни цени го доведуваат во прашање натамошното производство и егзистенцијата на земјоделските семејства.
„Ајварката“ е една од позначајните земјоделски култури во Струмичкиот Регион, а периодот на откуп е особено важен за приходите на производителите.
Денешниот протест е продолжение на незадоволството на земјоделците, кои во изминатиот период реагираат на цената по која годинава се откупува нивниот род.
