Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Ормутскиот теснец „многу брзо“ повторно ќе биде отворен за пловидба, а во спротивно Иран ќе се соочи со „тежок удар“.
Во изјава за „Фокс њуз“, Трамп рече дека разговорите со Техеран се одвиваат добро и дека Иран има интерес да постигне договор.
„Водиме многу добри разговори. Иран сака договор. Имам време“, изјави Трамп од Калифорнија, осврнувајќи се на конфликтот што трае повеќе од пет месеци.
Според американскиот портал „Аксиос“, кој се повикува на добро информирани извори од Белата куќа, во тек се разговори за привремен 60-дневен договор со кој би се регулирал поморскиот сообраќај низ Ормутскиот теснец, меѓу Иран и Оман.
Предлог-договорот, кој би можел да биде објавен уште денеска, предвидува сите бродови што влегуваат во теснецот да ја користат северната рута низ иранските територијални води, додека оние што излегуваат да пловат по јужната рута низ водите на Оман. Според информациите, за користење на рутите нема да се наплаќаат такси.
Во текот на 60-дневниот преоден период, како и до постигнување конечен договор, централниот дел од теснецот ќе биде расчистен од поморски мини. Сепак, „Аксиос“ наведува дека компромисот сè уште не е финализиран.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент во интервју за Си-Ен-Би-Си изјави дека постои можност договорот за повторно отворање на Ормутскиот теснец и нормализирање на поморскиот сообраќај да биде постигнат денеска или утре.
И покрај дипломатските напори, тензиите во Ормутскиот теснец, кој стана едно од главните жаришта на конфликтот на Блискиот Исток, остануваат високи. Британската поморска агенција UKMTO во вторникот соопшти дека еден брод бил погоден од „неидентификуван проектил“.
