По налог на министерот за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спроведува вонреден инспекциски надзор во Општата болница Струмица, Клиничката болница Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, каде што била лекувана пациентката чиј случај деновиве предизвика голем јавен интерес.
Од Министерството за здравство информираат дека во наредните денови ќе биде прибрана целокупната медицинска документација од трите здравствени установи, по што ќе биде изготвен стручен надзор. Врз основа на утврдената фактичка состојба ќе бидат донесени заклучоци, а доколку се констатираат пропусти, ќе следуваат мерки согласно законските надлежности.
Министерството нагласува дека во текот на постапката целосно ќе се почитуваат правата на пациентката, вклучително и нејзиното достоинство, приватност и заштита на личните и медицинските податоци.
„Секој пациент има законско право на безбедна, квалитетна и навремена здравствена заштита, како и право на целосна и разбирлива информација за сопствената здравствена состојба. Министерството ќе се погрижи овие права целосно да бидат почитувани“, се наведува во соопштението.
Од Министерството уверуваат дека случајот ќе биде разгледан темелно и професионално и дека ниту еден аспект нема да биде изоставен.
Воедно, се упатува апел до јавноста да се воздржи од предвремени заклучоци, шпекулации и објавување лични податоци кои би можеле дополнително да ја вознемират пациентката и нејзиното семејство.
Апел е упатен и до медиумите за коректно известување и почитување на достоинството на здравствените работници вклучени во случајот, посочувајќи дека евентуалната одговорност може да се утврди единствено врз основа на резултатите од стручниот надзор.
Министерството најави дека по завршувањето на инспекциските надзори транспарентно ќе ја информира јавноста за утврдените факти и за понатамошните чекори.
