Унгарскиот премиер Петер Маѓар изјави дека земјата ја очекуваат пет од најкритичните денови, бидејќи рекордната суша ја принуди Будимпешта да ја прекине работата на нуклеарната електрана, која произведува 40 отсто од електричната енергија.
Во видео-обраќање, тој наведе дека енергетскиот систем на Унгарија е изложен на огромно оптоварување, пренесува бриселскиот портал „Политико“.
Премиерот претходно најави дека последните активни реакторски единици во нуклеарната електрана „Пакш“, јужно од Будимпешта, ќе бидат исклучени поради нискиот водостој на Дунав, кој електраната го користи за ладење.
„Поради натамошниот пад на водостојот на Дунав, електраната ‘Пакш’ целосно ќе престане со работа, за првпат по 44 години“, соопшти вчера тој.
Електраната „Пакш“, изградена во советската ера, останува столб на унгарскиот енергетски систем, а намалувањата и загубата на производство поттикнаа воведување национални мерки за штедење енергија и понуди за помош од соседните земји.
Долготраен прекин во снабдувањето би го парализирал системот за испорака на електрична енергија во Унгарија, во време кога поради топлотниот бран се прогнозираат температури над 40 степени во наредните денови.
Тој предупреди дека прекинот на работата би можел да предизвика вонредна состојба поради високата летна потрошувачка.
„Од понеделник може да настане енергетска криза. Ќе бидат потребни координирани потези и воздржаност за да се избегнат посериозни последици“, најави тој.
Владата ги повика домаќинствата и бизнисите да ја намалат потрошувачката на електрична енергија во периодите на најголемо оптоварување, меѓу 17 и 22 часот, апелирајќи до граѓаните да ја ограничат употребата на клима-уреди и машини за перење.
Надлежните исто така подготвија план за вонредни ситуации кој предвидува привремено, наизменично ограничување на потрошувачката во индустриските погони, додека истовремено се зголемува производството во другите електрани.
