67 мигранти загинаа во хаосот во Сеута

Од:

Шпанскиот премиер Педро Санчез вчера упати обвинувања до неколку европски влади, наведувајќи дека тие постапиле под влијание на „предрасуди, лажни вести, незнаење или политички интереси“ во врска со мигрантската криза во Сеута, пренесува шпанскиот дневен весник „Ел Паис“.

Во писмото упатено до раководството на институциите на ЕУ, тој ја критикуваше реакцијата на „некои европски партнери“ и повика на итен состанок на министрите за внатрешни работи, откако Италија ја суспендираше соработката во рамките на Шенгенскиот договор, а Финска и Данска отворено ја покренаа можноста за привремено прекинување на соработката со Мадрид во областа на слободното движење.

Шпанските власти соопштија дека повеќе од 48.000 од приближно 50.000 луѓе кои од Мароко влегле во Сеута – шпанската енклава во Северна Африка – веќе се вратени.

„Реакцијата на европските влади беше прилично асиметрична. Повеќето ни ја покажаа својата поддршка и солидарност и понудија помош. Други, пак, одлучија да ја нападнат Шпанија и да повикаат на нејзино привремено исклучување од Шенген-зоната“, изјави шпанскиот премиер во писмото упатено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и до Мајкл Мартин, премиерот на Ирска – земјата што моментално претседава со Советот на ЕУ.

Шпанската влада оцени дека ставот на овие партнери е спротивен на европското право, хуманитарното право и принципите на солидарност врз кои се темели ЕУ. Во своето остро писмо, Санчез истакнува дека Сеута не е дел од Шенген-зоната, што, според него, ја прави секоја закана за суспензија правно бесмислена.

Фон дер Лајен вчера изјави дека, благодарение на ефикасната работа на полицијата на Шпанија и Мароко, повеќето мигранти биле вратени во Мароко и дека ниту еден од нив не стигнал до европското копно – ниту до самата Шпанија, која се наоѓа од другата страна на Гибралтарскиот теснец, ниту до други земји на ЕУ. Таа наведе дека Европската комисија ѝ понудила поддршка на Шпанија уште од „првиот момент“.

Бројот на мигранти кои загинаа при упадот во шпанската енклава Сеута, на северот на Мароко, спроти Шпанија, се искачи на 67, соопшти владата во Мадрид – некои се удавиле, а некои загинале во метежот за време на јуришот, прецизира АП.

Шпанија најави поставување ограда во должина од 500 метри што навлегува во морето, откако околу 60.000 мигранти кои се обидуваа да стигнат до Европа насилно ја минаа границата на малата шпанска територија во четвртокот.

Според шпанските медиуми, ситуацијата во Сеута, град со 84.000 жители, вчера постепено се нормализираше: продавниците се отвораат, а сообраќајот се одвива без застои или блокади.

Војската е распоредена низ територијата и ги обезбедува влезовите на големите супермаркети.

Би можело да ве интересира

Зошто Сеута е жариште за мигранти и како толку многу луѓе успеале да преминат од Мароко во Шпанија

ВИДЕО: Шпанија постави ограда долга 500 метри на границата меѓу Сеута и Мароко

ВИДЕО: Шпанија ги врати во Мароко мигрантите кои ја опседнаа конклавата Сеута

Шпански министер индиректно го обвини Израел за упадот на мигрантите во Сеута

Катерина Ѓуровски

Фон дер Лајен: Сцените од Сеута се неприфатливи

А1он

Вивас: Околу 60.000 мигранти дојдоа во шпанската енклава, а 34 загинаа

Горан Наумовски