По потврдените случаи на Западнонилска треска во Македонија, повторно треба да се постави прашањето дали мерките против комарците навистина даваат резултат? Оваа тема не е нова.
„А1он“ уште пред четири години објави серија истражувања во кои предупреди на контроверзите околу средството што се користеше за авионско прскање против возрасни комарци во Скопје. Станува збор за биоцидот Aqua K-Othrine, за кој производителот „Bayer Environmental Science“ тогаш одговори дека е одобрен за надворешна употреба, но не и за апликација од авион или хеликоптер, туку исклучиво со опрема од земја.
Истовремено, Центарот за јавно здравје – Скопје предупредуваше дека авионската дезинсекција не е најефикасниот метод за сузбивање на комарците. Од таму посочуваа дека уште во 2020 година до надлежните институции била доставена иницијатива да се ограничи ваквиот начин на третирање, оценувајќи дека поради биологијата и однесувањето на комарците, ефектите од прскањето од воздух се ограничени.
Во истите истражувања беше обелоденето и дека во Македонија воопшто не се следи резистентноста на комарците кон инсектицидите. Стручните лица тогаш признаа дека не постојат анализи кои би покажале дали по долгогодишна употреба на истото средство комарците развиле отпорност, иако ваквите испитувања се важен дел од современите програми за контрола на векторите.
Појавата на случаи на Западнонилска треска денес не би требало да биде целосно изненадување. Вирусот го пренесуваат заразени комарци, а неговото ширење во голема мера зависи од тоа колку успешно се контролира нивната популација. Доколку со години постојат предупредувања за слабости во системот, а тие останат без суштински промени, ризикот природно се зголемува.
Ова не значи дека секој случај на Западнонилска треска може директно да се припише на една конкретна мерка или пропуст. Климатските услови, високите температури, врнежите, присуството на птици кои се природен резервоар на вирусот и движењето на комарците се дел од факторите што влијаат на ширењето на болеста. Но, токму затоа експертите со години инсистираат дека контролата на комарците мора да биде научно заснована, систематска и постојано евалуирана.
