Судија на бразилскиот Врховен суд ѝ дозволи на бразилската федерална полиција да отвори истрага против Фабио Луис Лула да Силва, синот на бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, поради сомневање за злоупотреба на влијание со цел да му помогне на еден лобист во деловните односи со Министерството за здравство, изјавија денеска за Ројтерс извори запознаени со одлуката.
Минатата недела, бразилската полиција побара одобрение за отворање истрага против Фабио Луис, познат како Лулиња, поради сомневање за трговија со влијание и корупција во корист на бизнисменот Антонио Карлос Камило Антунес.
Според изворите, еден од главните правци на истрагата ќе се однесува на сомневањето дека Лулиња им овозможил на компаниите на Антунес пристап до претставници на Министерството за здравство во врска со владин договор за лек на база на канабидиол.
