Прелиминарните податоци покажуваат дека Русија лансирала балистичка ракета од Северна Кореја врз селото Радушне, во регионот Дњепропетровск, изјави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Русите употребија ракета од Северна Кореја за прв пат по долго време, покажуваат прелиминарните податоци. Секако, ќе следат дополнителни анализи и сè ќе биде потврдено, но во моментов сè укажува дека станува збор за севернокорејска балистичка ракета, рече тој во изјава на каналот Телеграм.
Зеленски, исто така, истакна дека денес, по рускиот напад, продолжила работата за санација на последиците во различни градови на Украина.
Тој додаде дека во Лавов се расчистуваат урнатините и се пребаруваат луѓе.
„Европските земји, исто така, остро реагираа на руската ракета што влезе во полскиот воздушен простор и експлодираше на поле во близина на Лублин. Најважно е не само сочувство или само осуда, туку обезбедување ракети за воздушна одбрана и вршење притисок врз Русија што може да ја запре оваа бесмислена руска војна, како и сите нивни напади и терор“, рече Зеленски.
Според него, војната можеше да заврши одамна, но, како што изјави, лидерот на Кремљ, Владимир Путин, не го сака тоа.
Зеленски нагласи дека само единството со светот, соработката и способноста на Украина да ја брани земјата, која сега е во петтата година од целосна војна, се неопходни за заштита на животите.
„Ракетите за воздушна одбрана, првенствено „Патриот“, но и „Насамс“, „Ирис“, „Хок“ и нашите други системи, се клучен приоритет. Искрено се надевам дека сите партнери, а пред сè нашите американски партнери и пријатели во Европа, ќе разберат дека вистинските човечки животи зависат од тоа дали ќе ѝ помогнат на Украина“, рече тој.
