Кина изрази „силно незадоволство и решително противење“ откако САД воведоа санкции врз некои кинески истражувачки институции, соопшти кинеското Министерство за трговија.
Портпаролот на министерството изјави дека Пекинг ќе преземе неопходни мерки за заштита на легитимните права и интереси на кинеските истражувачки институции и за обезбедување поволна средина за нормална научна и технолошка размена и соработка, објави „Чајна дејли“.
Кинеското министерство го обвини Вашингтон за „прекумерно проширување“ на концептот на национална безбедност, воведување дискриминаторски бариери и политизирање, инструментализирање и користење на научната соработка како средство за притисок.
„Потезите на САД ги поткопуваат размените и соработката меѓу научните заедници на двете земји и се спротивни на глобалниот тренд на меѓународна соработка во научните и технолошките иновации“, рече портпаролот.
Тој ги повика САД да престанат со она што го нарече „неоправдани обвинувања“ против кинеските истражувачки институции, да ги корегираат своите постапки и да им обезбедат на кинеските институции „фер, непристрасен и недискриминаторски третман“.
Како што беше објавено вчера, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира да воведе забрана за увоз на нови кинески хуманоидни и четириножни роботи, како и одредени модели на кинески инвертори на енергија, како дел од мерките насочени кон заштита на развојот на американската вештачка интелигенција од закани за националната безбедност и обновување на клучните индустрии, објави Ројтерс, повикувајќи се на извори.
Според американските претставници, се очекува Федералната комисија за комуникации (FCC) да објави мерки со кои ќе се ограничи увозот на поврзани роботски системи и инвертори на енергија од Кина.
