Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека Европа е солидарна со Франција и Шпанија, кои се соочуваат со катастрофални шумски пожари, и најави дека европските земји им испраќаат помош.
Во Шпанија и Франција, повеќе од 250.000 луѓе се евакуирани поради шумските пожари што беснеат во тие две земји, пренесува агенцијата АП.
Во Франција, евакуации беа спроведени во делови од југозападните региони Жиронд и Ланд, а рано утринава беа евакуирани седум населени места во близина на Бордо. Неодамна беше евакуиран и целиот полуостров Кап Фере на југозападниот брег.
Во Шпанија, луѓето беа евакуирани од делови на Мадрид и Авила.
Фон дер Лајен денеска на мрежата „Икс“ напиша дека пет авиони и два хеликоптера од флотата за спасување на ЕУ, „rescEU“, се веќе распоредени во Франција, а дека четири авиони денеска пристигнуваат во Шпанија.
„Коперник“ (Copernicus) исто така обезбедува итно мапирање за поддршка на гаснењето на пожарите во двете земји“, напиша Фон дер Лајен, додавајќи дека нејзините мисли се со пожарникарите кои храбро се борат со огнената стихија, како и со сите евакуирани лица.
Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, денеска изјави дека пристигнува помош од други европски земји, пренесува Би-Би-Си.
Тој истакна дека Романија испратила тим од 40 лица за гаснење шумски пожари, а пристигнале и еден канадски авион за гаснење пожари од Хрватска, по два авиона од Португалија и Шведска, два тешки хеликоптери од Германија и по еден од Чешка и Словачка, како и четири лесни хеликоптери од Швајцарија, придружени од 30 пожарникари. Тој им се заблагодари на европските земји за поддршката.
Префектот на југозападниот француски регион Ланд изјави дека ситуацијата во таа област е малку помалку критична отколку вчера, но дека сè уште се далеку од ставање на пожарот под контрола.
Француските власти рано утринава наредија евакуација на населбите во западните предградија на Бордо, бидејќи тие се наоѓаат на можната патека на пожарот. Ова го опфаќа и делот на Мерињак каде што се наоѓа аеродромот во Бордо.
Во Шпанија, речиси 90.000 луѓе беа евакуирани или добија наредба да останат во своите домови, соопштија шпанските власти. Вкупно 59.000 луѓе се евакуирани од областа околу Мадрид и Авила поради пожарот, додека на повеќе од 28.000 им е наредено да останат во своите домови, според податоците на шпанското Министерство за внатрешни работи, пренесува Би-Би-Си.
Францускиот министер Нуњез изјави дека денес ќе се користи голем специјализиран товарен авион за испуштање супстанца за гаснење пожари во областите од каде што се евакуирани десетици илјади луѓе.
Нуњез рече дека авионот „A400M“, заедно со уште 18 авиони и хеликоптери за гаснење пожари, ќе ја продолжат долгата и многу тешка битка против пожарот што беснее во регионот Жиронд, пренесува АП.
Француската влада мобилизираше војници за да се вклучат во борбата и итно испраќа 1,5 милиони заштитни маски против чад. На луѓето кои се наоѓаат меѓу пожарот и Бордо им беше наредено да се евакуираат, вклучително и оние од делови на западните предградија на градот и од други околни градови и села.
Францускиот премиер Себастиен Лекорни ги опиша пожарите како невидени и нагласи дека приоритет е заштитата на човечките животи, предупредувајќи дека наредбите за евакуација мора да се почитуваат без одлагање.
Јули е во средината на сезоната на шумски пожари во Медитеранот, па пожарите во Шпанија и во јужна Франција не се појавија невообичаено рано, но она што е впечатливо е обемот што веќе го достигнаа, пренесува Би-Би-Си. Во Шпанија изгорела многу поголема површина отколку во истиот период минатата година, а во Франција велат дека пожарите започнале неколку недели порано од вообичаеното и дека изгорената површина е веќе далеку над нормалата.
Европа е континентот што најбрзо се загрева во светот – повеќе од двојно во однос на глобалниот просек – а тоа брзо затоплување ги прави летата потопли, особено на југот, а истовремено и посуви.
Шпанија ангажираше 2.600 пожарникари, полицајци и друг персонал за справување со два пожара западно од Мадрид, со поддршка од 19 противпожарни авиони и хеликоптери.
Франција распореди 1.300 пожарникари за пожарот во Жиронд и за уште еден, понајуг, во регионот Ланд. Десетици пожарникари се повредени, соопштија властите, но немаше смртни случаи во ниту една од двете земји.
