Италијански новинар брутално убиен – телото му било запалено додека сè уште бил жив

Од:

Италијанскиот новинар Луиџи „Лука“ Еспозито беше убиен минатиот викенд, а неговото запалено тело беше пронајдено на 19 јули на земјоделско земјиште во близина на Еболи, во покраината Салерно. Истражителите се сомневаат дека Еспозито бил жив во моментот кога било запалено неговото тело, иако бил во критична состојба по брутално претепување и давење.

Поради новите сознанија, обвинителството нареди дополнителни истражни дејствија.

Обдукцијата покажа дека причината за смртта е „насилно механичко задушување“, но истовремено открила дека Еспозито непосредно пред смртта вдишал чад. Овој наод укажува дека сè уште давал знаци на живот кога напаѓачот го запалил неговото тело, поради што е побарано дополнително вештачење.

Истражителите сè уште трагаат по мобилниот телефон на новинарот. Уредот не бил пронајден ниту покрај телото, ниту во автомобилот паркиран во близина.

Пријател на Еспозито изјавил дека последен пат разговарал со него во саботата попладне. Во недела околу 10:27 часот му испратил порака, но не добил одговор. Потоа се обидел да го добие преку WhatsApp и му оставил говорна порака.

Пораките првично не биле испорачани, но подоцна во неделата попладне се појавиле две сиви ознаки, без сината потврда дека се прочитани. Тоа, според истражителите, укажува дека телефонот во тој момент бил вклучен или се нашол во подрачје со мобилен сигнал.

Еспозито како спортски новинар ги следел фудбалските клубови од регионот Кампанија. Работел како телевизиски коментатор, соработувал со повеќе дневни весници и пишувал колумни. На 4 јули го прославил својот 53. роденден.

По неговото убиство се појавија информации дека работел во регионалната агенција за заштита на животната средина „Арпак“, но од институцијата ги демантираа тие тврдења, нагласувајќи дека никогаш не бил нивен вработен ниту бил поврзан со регионалната администрација.

Истражителите се обидуваат да утврдат и зошто Еспозито им кажувал на роднините и пријателите дека секое утро е зафатен со работа и дека тогаш не треба да биде вознемируван.

Дополнително внимание привлекува и венчалниот прстен што го носел, кој би можел да укажува дека бил во брак, иако постоењето на сопруга сè уште не е официјално потврдено.

Лука Еспозито, чие официјално име било Луиџи Еспозито, бил познат спортски новинар и колумнист. Најмногу известувал за клубот Салернитана, натпреварите од Серија Ц и фудбалските трансфери. На социјалните мрежи го следеле околу 15.000 луѓе.

Истрагата за мотивот на убиството продолжува.

Би можело да ве интересира

Вучиќ: „Од ноќеска тарифите за Србија повеќе не постојат“; „Америка ги укина царините од 35 отсто“

ИНА и Петрол воведоа ограничување за точење гориво поради најавеното поскапување

Предраг Петровиќ

Република Српска го прогласи 4 август за Ден на жалост, остра реакција од Хрватска

Предраг Петровиќ

Скандал во Хрватска: Полицајци имале сексуални односи во службено полициско возило

Предраг Петровиќ

Во Италија запленети 770 килограми кокаин – на пакетите има српски знамиња

А1он

Мароканец почина во Болоња додека полицајци го апсеа

А1он