Левица: Турците повторно сведени на политички украс – етничката застапеност служи само за кариера не и за одлуки

Од:

Владата повторно го употребува турското етничко малцинство како украс во пренатрупаната кадровска витрина, додека Турците повторно се сведуваат на статист во претставата во која “нивните“ функционери ги земаат аплаузите, функциите и парите. Мицкоски им понуди министер без ресор како функционер без министерство и причина за постоење, а тие, како да им останало единствено сетилото за мирис на парите, заслепени исклучиво од личниот лукративен интерес, веднаш прифатија, велат од Левица.

– Со ваквото декоративно именување, турското етничко малцинство не добива никакво политичко влијание, туку повторно служи како параван за личното напредување на нивните партиски претставници. Како и досега, од наводната “репрезентација“ нема да добие заедницата, туку многу тесен круг функционери кои, повикувајќи се на нејзиното име, си обезбедуваат титули, плати и привилегии. За народот останува симболиката, а за избраниот целата материјална корист.

Таков беше моделот и досега – политичките претставници се вдомуваат, а граѓаните остануваат во истата дупка. На народот му се сервира етничка симболика, а на партиските врвови им се обезбедуваат привилегии. Едните добиваат соопштение за наводна застапеност, другите добиваат функција, огромна плата и пристап до владиниот апарат. Откако ќе завршат фотографирањата и свечените изјави, Турците повторно остануваат сами со истите проблеми, а новоименуваните продолжуваат да живеат од нивното име.

Министер без ресор е една од најголемите бесмислици на пренатрупаната извршна власт. Човекот ја носи титулата министер, чат-пат се појавува на настани и фотографии, а никој, веројатно ни тој самиот, не може јасно да објасни што точно му е работата. Практично, се шета низ Владата со министерски статус и празна агенда, чекајќи некој дополнително да му измисли причина зошто воопшто е таму. Како некоја скапо платена детска игра без никаква потреба за државата.

Левица одамна се залага за укинување на министрите без ресор и на останатите паразитски позиции создадени за партиски пазарења и кадровско вдомување. На Македонија не ѝ треба влада натежната од декоративни титули, туку функционален и одговорен извршен апарат, во кој секој член ќе раководи со конкретен систем и ќе може да биде повикан на одговорност за својот резултат.

И биографијата на предложениот кандидат совршено се вклопува во празнината на позицијата. Како посебни квалификации се набројуваат членства во општински комисии од времето кога бил советник во Општина Гостивар – обврски што природно произлегувале од советничкиот мандат. Како работно искуство е заведена ангажираноста во правниот сектор на сопствената партија.

Најсериозната ставка е заменик-директорската функција во Дирекцијата за заштита и спасување од 2021 до 2024 година. Но, токму тоа искуство отвора прашања, наместо автоматски да произведува препорака за “унапредување“. По трагедијата во Кочани, јавноста дозна колку длабоки биле слабостите во системот што требало да спречува опасности, да врши контрола и да го штити населението. Зејнула како дел од раководството на Дирекцијата е должен да објасни што направил за нејзино функционално зајакнување, какви пропусти затекнал, кои ги отстранил и каква одговорност понел за состојбите во периодот кога бил на функција. Не може титулата од Дирекцијата да се користи како доказ за способност, а прашањата за резултатите од тоа раководење да се прескокнат.

Ова именување нема да направи ништо за турскато етничко малцинство. Ќе произведе само уште еден добро платен претставник што ќе зборува во име на тоа малцинство, додека тоа и понатаму нема да одлучува за ништо, тврдат од партијата.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Мециновиќ: Сите стратешки објекти да ги чува АРМ – Левица ќе предложи закон за критична инфраструктура

Левица: Нов директор на Фондот за здравствено осигурување, истата негрижа на ДПМНЕ кон родилките

Левица: ВМРОвскиот закон за студентски стандард со каталог на заострени казни го штити системот од студентите

Левица: Клековски ги искара професорите и докторите додека ВМРОвски аматери, вклучувајќи го и него, го водат јавното здравје

Левица: Гостивар е цената што ја плаќаме за партизирана држава

Левица: На гостиварци им течел отров од чешмите, институциите потфрлиле