Либанскиот премиер Наваф Салам денес за време на посетата на јужен Либан изјави дека враќањето на животот во областа и враќањето на населението во нивните домови е „национална цел“ на која е посветена државата.
– Враќањето на животот на југ не е само слоган, туку национална цел на која е посветена државата. Враќањето на нашиот народ на својата земја е највистинскиот израз на единството и суверенитетот на Либан, рече Салам во видео порака емитувана на платформата X од градот Завтар ал-Гарбија, објави Ал Џезира.
Градот е едно од трите места вклучени во првата фаза од пилот-проектот, кој е дел од поширокиот рамковен договор меѓу Либан и Израел потпишан минатиот месец во Вашингтон.
Според планот, либанските власти треба да ја преземат контролата врз областите на југот на земјата од израелските сили.
Салам рече дека целта на либанската влада е „целосно повлекување на Израел од сите либански територии“.
„Она што го гледаме денес е само почеток, но ние сме решени и упорни. Ќе продолжиме да вложуваме сите политички и дипломатски напори за да обезбедиме целосно повлекување од целата либанска територија“, рече тој.
Обраќајќи се пред жителите на јужен Либан, либанскиот премиер рече дека државата почнала да ги мобилизира сите расположиви ресурси за да овозможи нивно враќање.
„Либанската армија и безбедносните сили се тука за да ги заштитат нашите луѓе кои се враќаат. Ќе продолжиме да отвораме патишта, да ги отстрануваме урнатините и да обезбедуваме основни услуги за да можат нашите граѓани безбедно и достоинствено да се вратат во своите домови и села“, рече Салам.
