Бугарскиот премиер Румен Радев денес изјави дека Бугарија не припаѓа на „Коалиција на подготвените“, меѓународна иницијатива која поддржува понатамошна финансиска и воена помош за Украина, велејќи дека неговата земја треба да се фокусира на дипломатски напори за прекин на конфликтот.
Радев рече дека лично добил покана од францускиот претседател Емануел Макрон да се приклучи на коалицијата, но дека верува дека Бугарија нема место во формат кој се залага за континуирана воена поддршка за Киев, објави порталот „Новините“.
– Ние не учествуваме во коалиција која инсистира на континуирана финансиска и воена помош за Украина. Ние не даваме таква помош затоа што верувам дека решението за овој конфликт не е во неговото продолжување со воени средства, туку во силна дипломатска мисија за прекин на ескалацијата, рече Радев, пренесува БТА.
На прашањето дали други шефови на држави и влади кои не беа дел од „Коалиција на подготвените“ беа присутни на официјалната вечера во Париз, Радев одговори дека сите се поканети да учествуваат.
„Се сретнав со колеги кои не беа дел од „Коалиција на подготвените“, но беа на вечерата и приемот што ги организираше претседателот на Франција“, додаде тој.
Зборувајќи за новата иницијатива за зајакнување на заштитата од руски балистички ракети, Радев нагласи дека безбедносните прашања на Бугарија се решаваат во рамките на Европската Унија и НАТО, каде што, како што изјави, се носат клучни одлуки.
„Досега видовме многу предлози и идеи, но одлуките се носат во различен формат. Бугарија активно учествува во сите овие формати, каде што се носат одлуки“, рече премиерот.
