Пратеникот на Левица, Борислав Крмов потврди дека е одложена координативна средба на опозициските партии во Собранието што беше најавена за денеска, иницирана од нивната партија заради усогласување заеднички став околу измените на Изборниот законик.
Крмов потенцира дека средбата е одложена поради неприсуство на претставник од СДСМ, но и дека не се знае дали би одржале друга средба без некој преставник од опозициските партии.
-Околу друга средба и за тоа дали би одржале без некој претставник од другите опозициски партии (дали СДСМ или некој друг) не можам да кажам. Не сме разговарале – рече Крмов за МИА.
Рокот за донесување на Изборниот законик, кој е дел од Реформската агенда, е до 15 јули.
Политичката партија Левица остро реагираше на одлуката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија да не учествува на координативниот состанок на опозициските партии што Левица најави дека ќе го иницира за усогласување заеднички став околу измените на Изборнит законик.
-Партија која со години секој принцип го претвораше во монета за поткусурување, денес се обидува да држи лекции за опозиционерство на парламентарна партија која иницираше координација на опозицискиот блок околу суштинска реформа на Изборниот законик – се наведува во соопштението од Левица.
Одбивањето на координација, велат од Левица, е директно пропуштање на можноста власта да биде обврзана да прифати заеднички опозициски став. Посочуваат дека особено симптоматично е што партијата која со години тврдеше дека се залага за една изборна едница, дсега одбива дури и да седне да разговара за таква реформа.
-Ако и понатаму се за една изборна единица, тогаш што ги спречува да учествуваат во разговорите? Ако повеќе не се, нека имаат доблест да им го кажат тоа на своето членство. Неодговорно е што ваквиот пристап ги продлабочува поделбите меѓу опозициските субјекти токму во момент кога постои реална можност за заедничко дејствување. СДСМ со своето одбивање не ја казнува, туку ја пропушта можноста опозицијата да настапи усогласено и да издејствува подобри изборни правила – се вели во соопштението на Левица, објавено на нивниот официјален фејсбук-профил.
Пратеникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски денеска во изјава за медиумите истакна дека опозициските партии не сакаат нов Изборен законик, туку сакаат блокада.
-Гледаме спротивни реакции на опозицијата денеска, иако требаше да се одржи средба за изборниот законик. Тука доаѓаме до заклучок дека опозициските партии не сакаат нов Изборен законик, туку сакаат блокада. Со месеци се преговараше, над четири месеци, па кога требаше да се поднесе законот се повлекоа. Со што директно одиме на тоа дека едноставно опозицијата нема интерес овој закон да биде донесен и да го исполниме последниот бенџ-марк кој го имаме како обврска од Реформската агенда. По четири месеци секојдневно работење и во Министерството за правда и во комуникациите помеѓу Собранието, сега гледаме дека се бараат експертски расправи итн, всушност укажуваме дека најверојатно постои договор меѓу опозициските партии овој закон да не биде донесен – рече Стојаноски.
Го повтори ставот на владината коалиција дека ќе прифатат се за што опозициските партии ќе се договараат се додека во тоа законско решение е вклучено и гласањето на дијаспората.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија вчера соопшти дека партијата нема да учествува на координативниот состанок на опозициските партии кој Левица најави дека ќе го иницира. Според СДСМ, станува збор за театар за јавноста и игра на власта.
-СДСМ веќе ги даде своите јасни и конкретни предлози во Собранието. Нема потреба од нови предлози. Нашите предлози се јасни: гарантираат фер и транспарентни избори и спречуваат можност за изборна кражба, особено на гласовите од дијаспората. Сè друго е претстава, посочија вчера од СДСМ.
