Таткото на Меланија Цветковска од Куманово, која преку видео на социјалните мрежи јавно проговори за долгогодишно семејно насилство, ќе биде спроведен на лекување во Психијатриската болница во Демир Хисар, соопшти СВР Куманово.
Од полицијата информираат дека случајот е пријавен и дека во координација со Основното јавно обвинителство и другите надлежни институции се преземаат мерки.
„СВР Куманово е запознаен со случајот и интензивно работи на негово расчистување. По консултација со Основното јавно обвинителство и другите надлежни институции ќе бидат преземени конкретни мерки против П.Ц. од Куманово. Лицето се спроведува во Психијатриската болница во Демир Хисар, по претходно добиено решение од Основниот суд Куманово“, наведуваат од СВР Куманово.
Во видеообраќањето што предизвика бројни реакции во јавноста, Цветковска раскажа дека со години таа и нејзиното семејство живеат во страв. Според нејзините тврдења, нејзиниот татко подолг период е зависен од алкохол и има психички нарушувања, а со години бил насилен кон неа, нејзината мајка, баба и братот, кој боледува од церебрална парализа.
Цветковска во обраќањето нагласи дека не бара сожалување, туку институционална заштита и итна реакција за да се спречи понатамошно насилство.
Само неколку часа по нејзината јавна објава, надлежните институции презедоа конкретни чекори, а таткото ќе биде хоспитализиран во Психијатриската болница во Демир Хисар врз основа на решение на Основниот суд Куманово.
