Македонските претставници во регионалната ракометна СЕХА лига, Вардар и Металург утре ќе го одиграат последен натпревар оваа календарска година.
Членот на Вардар и нов македонски репрезентативец Немања Прибак смета дека одбраната и голманите ќе го решат победникот.
– Ние играме поубаво за око, додека играта на Металург се базира на четирите бека Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Павел Атман и Ренато Вугринец, како и од учинокот на голманот Дарко Станиќ. Мораме да одиграме одговорно и добро во одбраната за да победиме. Поблиску до триумф ќе биде екипата , чии голман ќе има 15 и повеќе одбрани. Но, на овие дуели решава моменталната форма, изјави Прибак на денешната прес-конференција.
Тренерот на „црвено-црните“ Андон Бошковски, за новата пресметка со градскиот ривал истакна:
– Во македонското дерби мотиви има премногу. Металург сигурно нема да игра на нивото од саботата и дуелот со Загреб. Се надевам дека нашата екипа ќе победи и на убав начин да ја завршиме оваа календарска година, рече Бошковски.
Првиот натпревар од СЕХА лигата заврши нерешено 28:28, додека во Лигата на шампионите и двете екипи постигнаа по една победа.
Натпреварот Вардар – Металург е од 10.коло, а беше одложен поради обврските на двете екипи во Лигата на шампионите. Почетокот на дуелот во СЦ „Борис Трајковски“ е во 17 часот и 45 минути.