Нова средба без исход за Изборниот законик: главната сопка, гласањето на дисјапората, останува

Од:

Владејачкото мнозинство ќе го прифати секое решение за измените на Изборниот законик што ќе го договорат опозициските партии, доколку биде прифатен принципот дијаспората да може да го оствари своето уставно загарантирано право на глас, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, по денешната средба на политичките партии во Собранието.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалициските партнери „Вреди“ и ЗНАМ, предложиле опозициските партии – СДСМ, ДУИ, Левица и другите – да усогласат заеднички став за сите спорни прашања поврзани со изборните реформи.

„Сето она што ќе го договорат Левицата, СДСМ, ДУИ и другите помали опозициски партии од аспект на финансирање, изјаснување на дијаспората, поплаките, една изборна единица и сите останати детали, ние ќе го прифатиме, сè додека биде прифатен нашиот став – дијаспората да може да гласа и да се изјаснува на избори“, изјави Стојаноски.

Тој посочи дека власта предлага гласањето на дијаспората да се уреди со подзаконски акт што Државната изборна комисија би го донела до 30 септември 2028 година и нагласи дека ова е заеднички став на сите партии од владината коалиција.

„Ова барање е заедничко барање и на ЗНАМ и на ‘Вреди’“, рече Стојаноски, додавајќи дека не е утврден рок во кој опозицијата треба да достави усогласен предлог.

Од Левица, пак, соопштија дека на средбата предложиле воведување една изборна единица и гласање на дијаспората по пошта само на претседателските избори, како пилот-проект.

Пратеникот Борислав Крмов изјави дека ВМРО-ДПМНЕ го прифатило овој предлог, но изрази сомнеж дека постои политички договор да не се реализира концептот на една изборна единица.

„Нашите позиции се јасни. На маса ја ставивме една изборна единица и предложивме, како компромис, гласање на дијаспората по пошта само за претседателските избори. Тоа денеска беше прифатено од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Крмов.

Тој оцени дека процесот на подготовка на измените треба да продолжи во рамки на работната група при Министерството за правда, бидејќи, како што рече, станува збор за комплексни прашања што бараат подолги усогласувања.

Крмов повтори и дека Левица се залага за укинување на платеното политичко рекламирање, а доколку тоа остане во системот, бара поправедна распределба на средствата.

Коалицискиот партнер во Владата, „Влен“, соопшти дека за нив најважно е дијаспората да добие можност да гласа, без разлика дали тоа ќе биде електронски или по пошта, под услов процесот да биде безбеден и транспарентен.

„Нашата дијаспора не е само за дознаки и помош на роднините. Таа е неразделив дел од нашето општество и мора да има можност да учествува и во политичкото одлучување“, изјави пратеникот Беким Ќоку.

Претходно, пратеничката на ДУИ, Рина Ајдари, оцени дека денешните разговори пропаднале, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ дека се повлекла од претходно договорени позиции за електронско гласање на дијаспората и за начинот на донесување на подзаконските акти од страна на Државната изборна комисија.

Би можело да ве интересира

Села: Албанска лига е за отворени листи, осум изборни единици и гласање на дијаспората електронски или по пошта на сите изборни циклуси

Уставен суд утре ќе расправа по иницијативата на „Левица“ за одредбите за политичко рекламирање во Изборниот законик

Катерина Ѓуровски

Нов обид за договор меѓу партиите за Изборниот законик во Собрание

За СДСМ и гласањето по пошта е можност за кражба, за Левица дијаспората е „промашена тема“

ВИДЕО: Мицкоски вели дека опозицијата ги радикализирала барањата за да нема договор за Изборниот законик

Катерина Ѓуровски

Филипче: Нема да дозволиме изборен грабеж, нашиот став е принципиелен