Државниот пазарен инспекторат утврди дека одредени синџири маркети ги зголемиле бруто-маржите за 2 до 5 процентни поени за само една година. Наодот, по Законот за инспекциски надзор и Законот за трговија, повлекува јасна постапка: решение, мерка, казна! Наместо тоа, премиерот Мицкоски најавува дека имињата на компаниите ќе се кријат во анонимност и дека она што има да го каже, „ќе го каже директно, во разговор со нив“, велат од Левица.
– Во ниту една уредена држава наодот на инспекцијата не завршува на кафе со премиерот во четири очи, туку со решение кое има број, датум и правна последица! Бројките се од самиот Мицкоски: маржа што лани била 10 отсто, денес е 12 до 15. Тоа не е пораст од неколку проценти, туку зголемување на самата маржа за огромни 20 до 50 отсто! Распоредено врз кошничка од 600 до 700 основни производи, ова е секојдневен грабеж и трансфер на пари од трпезата на трудбениците директно во касите на богатите трговски синџири. Владата сама признава дека ако се намалат овие маржи, би биле земја со најниска инфлација – што значи дека свесно знаат дека инфлацијата не е „увозна судбина“, туку домашно профитерство со точна адреса и жиро-сметка!
И додека профитерите бројат милиони, а народот пребројува денари, институциите спијат. Инспекторатот утврдил прекршување, а не изрекол ниту една казна. Комисијата за заштита на конкуренцијата, надлежна за картелско здружување, како воопшто да не постои. Министерството за економија и труд најавува извештаи дури за еден месец! Премиерот, кој нема никаква инспекциска или обвинителска надлежност, се самоназначува за преговарач во четири очи. Ова е класична узурпација на извршната функција со цел да не се преземе ништо – правен вакуум во кој наодите испаруваат, а санкциите исчезнуваат!
Прашањето не е дали државата може да ги ограничи маржите и да ги казни насилните трговци – веќе покажавме дека тоа е возможно кога има волја. Прашањето е зошто оваа власт НЕМА ВОЛЈА. Одговорот е соголен и класен: профитерите не ѝ се противник на оваа власт, туку нејзина класна роднина. Цените не паѓаат на тајни состаноци и пријателски разговори. Паѓаат само тогаш кога секој орган ја врши својата законска должност: кога Инспекторатот казнува, Комисијата истражува, а Министерството регулира. Сè друго е само евтина претстава за јавноста, платена со поскапен леб, масло и брашно! Левица итно бара активирање на државниот апарат наместо премиерски претстави:
-Државниот пазарен инспекторат веднаш да ги ОБЈАВИ имињата на синџирите и да поведе прекршочни постапки;
-Комисијата за заштита на конкуренцијата по службена должност да отвори постапка за картелско однесување;
-Министерството за економија во рок од 30 дена да предложи законско ограничување на трговските маржи;
-Владата да поднесе закон за данок на екстра-профит на трговските синџири, за субвенционирање на основните производи и
Целосно да се објави анализата на влезните и излезните фактури за производите, за да суди јавноста, а не кабинетот, велат од партијата.
