Македонската кошаркарска репрезентација со максимален ефект од шест победи од шест натпревари ја заврши првата фаза од претквалификациите за Европското првенство 2029, откако на гостински терен го совлада Луксембург со 66-80.
Иако пласманот во следната рунда беше веќе обезбеден пред овој дуел, селекторот Жозеп Марија Берокал одлучи да настапи со комбиниран состав. Во тимот не беа Андреј Јакимовски, кој не допатува, како и Војдан Стојановски, кој не доби минутажа.
Шанса добија повеќе млади и играчи со помала улога досега, а дебитираше и новото странско засилување Нејт Сестина, кој веднаш остави силен впечаток.
Македонија ја контролираше играта од самиот почеток и уште во првата четвртина стигна до првата посериозна предност (9-18). Во вториот период следуваше целосна доминација и серија 13-2, со која „црвено-жолтите“ отидоа на плус 18 (22-40), а на полувреме имаа највисоки +19 (27-46).
Во третиот период домаќинот успеа да ја намали разликата на -10 (44-54), но македонските кошаркари брзо одговорија и не дозволија неизвесност. И покрај обидите на Луксембург, разликата во ниту еден момент не падна во едноцифрени граници.
Најефикасен во македонскиот состав беше дебитантот Сестина со 18 поени, а веднаш зад него следуваа Виктор Ташовски со 16 поени, седум скока и седум асистенции, Стојан Ѓуроски со 13 поени, како и Валмир Какруки и Виктор Ефремовски со по 12 поени.
Македонија втората фаза од претквалификациите ќе ја започне кон крајот на август, а ривалите во групата ќе ги дознае на ждрепката што ќе се одржи на 15 јули во Минхен.
