Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, на денешната прес-конференција оцени дека блокадата на новиот Изборен законик е резултат на долгогодишен политички договор меѓу најголемите партии за зачувување на изборниот модел што, според него, нив им носи најголема корист.
„Зошто немаме нов Изборен законик и зошто тој сега е блокиран во Собранието? Триесет години правилата на игра на изборите се кројат според волјата на големите партии, а не по волјата на граѓаните и тоа што соодветствува со потребите на нашата демократија. Сега немаме нов Изборен законик, затоа што од самиот почеток имаше заговор тој воопшто никогаш да не се донесе. Триесет години партиите ви ветуваат една изборна единица. Нема ништо од тоа. Не се нагласува, не се наговестува. Од оваа констелација на парламентарниот состав моментално при воведување на една изборна единица, сите партии имаат да изгубат, освен Левица. Сите партии го компромитираат процесот за носење на една изборна единица“ рече Мециновиќ.
Според него, „триесет години ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги кројат правилата на игра за да им одговара нив. Затоа и сега електронското гласање на дијаспората беше заговор кој ВМРО-ДПМНЕ им го даде на СДСМ за да го оправда нивното блокирање. И сега ќе ви кажеме зошто. Ние во овој случај имаме авторитарен и недемократски Изборен законик. На втори избори поред една партија, партијата која ве претставува вас, Левица, партијата која не е финансирана од олигархијата, повторно ќе биде исклучена од можноста да настапува фер на овие избори. И мораме да зборуваме искрено дека ова не станува збор за финансии, туку станува збор за избори кои вие повторно ќе ги имате како граѓани на Република Македонија во оркестрација на ВМРО-ДПМНЕ, кои нема да бидат фер“.
„Ни една држава, ни една демократија, не може на еден политички субјект два пати поред да не му дозволи да настапува нормално на изборите. И со тековниот Изборен законик кој ниту ве претставува вас како што треба, затоа што ја нема едната изборна единица, ниту кој овозможува фер избори, затоа што на Левица ќе се даде хендикеп, со овој Изборен законик кој ќе одиме, тој Изборен законик ќе им одговара и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Партијата во криза, СДСМ, ќе направи сè, ќе игра со ѓаволот, ќе игра со Мицкоски, за да остане истиот Изборен законик под опасноста од целосен крах на следните избори. ВМРО-ДПМНЕ игра со СДСМ за да се задржи истиот баланс и за да се задржат истите правила на игра. Што тоа му е потребно да се смени на ВМРО-ДПМНЕ во овој изборен модел, кога тој располага со сите средства да манипулира со него“ вели Мециновиќ.
Смета дека „затоа сега е останато на нас, на нас како Левица и на вас како јавност, граѓани, експерти, новинари, работници и млади да се избориме за демократијата во Република Македонија. Овој процес не смее да застане овде, затоа што со овој процес се манипулира и се манипулира предолго и ќе продолжи да се манипулира сè додека ние не побараме гласно промени и демократизација на процесите“.
„На крај имаме порака до нашите политички противници. Ние сме спремни под било кои услови да учествуваме на изборите и да ви зададеме удар каков не очекувате.
Левица е спремна да го мобилизира целото граѓанство и сите работници во Република Македонија, да се зададе удар на оваа ламја која триесет години владее со нас. Сега е време ни е да се договориме, затоа што партиите на олигархијата веќе си имаат договорено” – порача Мециновиќ.
