Вознемирувачка снимка што се шири на социјалните мрежи прикажува нов случај на врсничко насилство меѓу малолетници во скопската населба Аеродром, предизвикувајќи силни реакции во јавноста.
Според видеото, девојче е принудено да клекне на колена и да моли за милост, додека неколку други малолетнички го навредуваат, му удираат шлаканици и го влечат за коса. Инцидентот се случува пред поголема група врсници, кои наместо да интервенираат, го снимаат настанот со мобилни телефони.
Особено загрижува тоа што дел од присутните не само што не се обидуваат да го спречат насилството, туку и ги охрабруваат напаѓачите. На снимката се слуша и глас кој вели: „Ќутете да слушнеме како ќе пука“, додека чека друго девојче да ѝ удри шлаканица на жртвата.
Видеото предизвика бројни осуди на социјалните мрежи, а граѓаните бараат брза реакција од надлежните институции, утврдување на сите околности и преземање мерки против сторителите, како и посериозен пристап кон спречувањето на врсничкото насилство.
