Да се затворат прозорците и ролетните во текот на денот, да се климатизираат просториите, да се избегнува престој на директно сонце во периодот од 11 до 17 часот и да се носи светла и лесна облека – се дел од препораките на Институтот за јавно здравје поради најавените високи температури.
Доколку престојот на отворено е неопходен, се препорачуваат почести одмори под сенка и избегнување директен престој на сонце.
Граѓаните треба да внесуваат доволно течности во текот на целиот ден, без да чекаат да почувствуваат жед.
Најдобар избор е водата за пиење, а може да се консумираат и минерални безалкохолни пијалаци. Се препорачува да се избегнуваат алкохолни пијалаци, пијалаци што содржат кофеин и многу ладни пијалаци.
Институтот советува и внесување умерена количина храна, со избегнување масна и висококалорична храна, како и производи со голема количина шеќер. По потреба се препорачува туширање со млака вода, а за дополнително разладување – ладни облоги или потопување на стапалата во ладна вода.
Посебно внимание треба да се посвети на лицата над 60 години, бремените жени, децата, социјално ранливите категории, работниците на отворено, како и лицата со хронични заболувања.
За нив е особено важно да ги почитуваат препораките и редовно да ја земаат пропишаната терапија, а при секоја промена на здравствената состојба да се консултираат со матичниот лекар.
Граѓаните на терен велат дека препораките ги почитуваат и дека внимаваат на сопственото здравје.
