ТМУР со концертна промоција на деби албумот „Пустохија“ во КОТУР

Од:

По десетина настапи низ скопските клубови, во текот на кои нивниот првичен дуо формат постепено прерасна во квартет, ТМУР ќе го издадат и концертно ќе го промовираат својот деби албум Пустохија. Промоцијата ќе се одржи на 2 јули (четврток), со почеток во 21:00 часот, во КОТУР, а влезниците ќе чинат 200 денари.

Албумот е снимен во студиото „Профундус“, под продукциската палка на Дориан Јовановиќ, еден од најискусните и најреномирани македонски музички продуценти. Изданието претставува прва заокружена студиска документација на бендот и природно продолжение на неговиот постепен развој на концертната сцена.

ТМУР го сочинуваат Анис Османовиќ (бас гитара), Кристијан Новковски (тапани), Дамјан Поповски (тамбура) и Кристијан Јордановски (електроника и перкусии). Во оваа постава тие создаваат звук кој тешко се вклопува во воспоставените жанровски категории. Нивната музика може да се опише како хипнотична, минималистичка, бескомпромисна и трансоидна балканска психоделија, во која традиционалните звучни матрици се преиспитуваат низ современ, тежок и репетитивен музички јазик.

Иако во нивната музичка естетика можат да се препознаат влијанија од стоунер, дум и дрон металот, ноиз рокот, како и од бендови како Om, Sleep, Swans, Earth, Sun O))) и The Local Blue, како и од современите психоделични изданија на дискографски куќи El Paraiso Records и Heavy Psych Sounds Records, суштината на нивниот звук не лежи во овие референци. Напротив, тие претставуваат само појдовна точка за една автентична интерпретација на балканската психоделична сонична палета – простор во кој со векови се испреплетувале различни културни, историски и музички влијанија.

Во таа смисла, ТМУР претставуваат една од поавтентичните појави на современата македонска независна сцена. Нивните композиции се развиваат бавно и постепено, создавајќи чувство на ритуалност и потопеност во музиката, што повеќе потсетува на колективно психоделично искуство отколку на конвенционален рок концерт.

Промоцијата на Пустохија ќе биде можност нашата публика да ја слушне светската премиера на албумот во живо, но и да набави ЦД издание и официјални маици на бендот. Со секој купен производ ќе се добива и код за бесплатно дигитално симнување на албумот.

Би можело да ве интересира

„Охридско лето“ со четири џез-вечери отвора ново музичко поглавје

Украдените дела на Реноар, Сезан и Матис пронајдени по пет месеци во Италија

Предраг Петровиќ

Турската кинематографија во фокусот на „Бич филм фестивал Охрид“

„Синот на кројачот“ од Јелена Бачиќ Алимпиќ меѓу новите изданија во акцијата „Со книга на плажа“

Незаборавна Шпанска вечер на „Охридско лето“ со триото „Вибрарт“

„Коулун, заградениот град“ од Јана Узунова, книга бр. 250 во едицијата ПРОаЗА на Или-Или