Премиерот Христијан Мицкоски порача дека евентуалните разговори за враќање на Алијанса за Албанците во Владата не треба да се водат преку медиумите, реагирајќи на изјавата на Арбен Таравари дека за таков чекор би бил потребен нов политички договор со гаранции за почеток на преговорите со Европската Унија.
Таравари, во телевизиско интервју, изјави дека враќањето во Владата би било можно само доколку се обезбедат конкретни гаранции за евроинтеграциите и отворање на патот за уставни измени.
Коментарот на Таравари, Мицкоски го поврза со случајот „Ѓока констракшн“, оценувајќи дека „нема поголема гаранција за евроинтегративниот пат од раскинување на договорот со Ѓока констракшн“.
Компанијата од Албанија беше единствен понудувач на тендерот за изградба и управување со катните гаражи на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, во време кога Таравари беше министер за здравство. По силните реакции во јавноста и од опозицијата, Таравари соопшти дека договор со компанијата нема да биде склучен.
