Единаесет падобранци и пилот загинаа при пад на авион во близина на аеродромот во Батлер, во американската сојузна држава Мисури, соопштија американските власти.
Несреќата се случила во близина на аеродромот „Батлер Меморијал“.
„Авионот полетал околу 11:20 часот по локално време, но не успеал да достигне потребна височина, нагло свртел налево и се урнал на околу 300 јарди од пистата“, изјави за Си-Ен-Ен Денис Џејкобс, вршител на должноста управник на аеродромот и директор на службата за вонредни состојби во округот Бејтс.
Џејкобс потврди дека едномоторниот турбопропелерски авион го користела компанијата Скајдајв Канзас Сити.
Авионот превезувал падобранци кога службите за итна помош добиле пријава дека леталото се урнало и се запалило, потврди за Асошиејтед прес наредникот на Патролата на автопатите на Мисури, Џастин Јуинг.
„Падна во поле покрај аеродромот, а мислам дека патот е затворен како мерка на претпазливост“, изјавил Јуинг.
Тој додал дека несреќата ќе ја истражува Националниот одбор за безбедност во сообраќајот.
„Жртвите сè уште не се идентификувани, a нивните семејства сѐ уште не се известени за несреќата“, рекол Јуинг.
На местото на несреќата се присутни и Полициската управа на Батлер и Канцеларијата на шерифот на округот Бејтс.
Батлер се наоѓа на околу 105 километри јужно од Канзас Сити, во државата Мисури.
