Има голем интерес на турските компании за инвестирање во Македонија – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по учеството на бизнис-форумот во Истанбул, каде што со владина и бизнис-делегација ги презентира можностите на македонската економија.
Целта, посочи Мицкоски, е нашата македонска економија и нашите бизниси да се поврзат со бизнисите овдека во Истанбул.
– Овде сум присутен заедно со владина, но и со бизнис делегација. Ја продолжуваме традицијата на организирање B2B настани и B2B средби, односно тоа што го отпочнавме во Унгарија и тоа што го продолживме во Австрија, потоа со хрватската бизнис заедница на билатералната средба во Охрид, го продолжуваме сега овде во Истанбул. Нашата цел е нашата македонска економија и нашите бизниси да се поврзат со бизнисите овдека во Истанбул, Турција. Постои навистина голем интерес кај турските бизнисмени за инвестиции во Македонија, а она коешто ние ќе го правиме овие два дена овде во Истанбул е да ги презентираме можностите на македонската економија и сите оние можности и поддршка што ние како Влада ја даваме за привлекување на странски директни инвестиции – изјави Мицкоски, посочувајќи дека при престојот во Турција очекува многу успешни состаноци како и деа ќе бидат испратени силни пораки.
Мицкоски во обраќањето на бизнис форумот ги повика турските инвеститори да бидат дел од, како што сподели на социјалните мрежи, развојната приказна на Македонија – држава што има јасна визија за иднината, отворена врата за нови инвестиции и силна определба за економски развој.
– Македонија и Турција негуваат традиционално пријателски односи изградени врз доверба, почит и силни врски меѓу народите, а токму тие односи претставуваат цврста основа за продлабочување на економската соработка и нови инвестиции – истакна Мицкоски во обраќањето на форумот.
Тој посочи дека Македонија денес се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис-дестинација, со стратешка географска положба, поволна инвестициска клима, модерни индустриски зони и пристап до регионалните и европските пазари. Турските компании, наведе Мицкоски, преку инвестирање во Македонија добиваат можност да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироки пазари.
Во состав на владината делегација се и вицепремиерите Александар Николоски и Беким Сали, министрите за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, за економија и труд, Бесар Дурмиши, за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, како и директорот на Технолошко-индустриските развојни зони, Гоце Димовски.
