Апелацискиот суд Скопје ја одби жалбата на Самостојниот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) и ја потврди првостепената пресуда на Основниот граѓански суд Скопје со која се забранува организирањето на штрајк за октомври 2025 година, соопшти денеска правниот застапник на М-НАВ АД Скопје, адвокатот Горан Николоски.
Според него, со правосилната пресуда судовите ги прифатиле трите клучни аргументи на М-НАВ, дека најавениот штрајк не произлегува од заштита на право од работен однос, дека е закажан спротивно на законската постапка без задолжително посредување, и дека ССКЛ нема правен легитимитет да организира штрајк како подружница на Независниот синдикат за сообраќај и врски.
– Со ваквата пресуда се отвора прашањето дали и претходно организираните штрајкови од страна на ССКЛ биле законски. Одговорот е јасен, судот утврди дека и тие биле спроведени надвор од законските прописи – изјави Николоски.
Тој додаде дека согласно статутарните акти на синдикатот, ССКЛ не претставува синдикат во смисла на Законот за работни односи и не може самостојно да презема дејства.
Според него, пресудата отвора прашања и за сите други активности што ССКЛ ги преземал надвор од рамките на матичниот синдикат
– Во ситуација кога дејствата се преземени без правен легитимитет, се доведува во прашање и нивната правна важност – нагласи Николоски.
Сепак, со оглед на правосилната пресуда, секоја идна акција би морала да биде усогласена со Законот за работни односи, постапката за посредување валиден синдикален легитимитет.
По судската забрана на штрајкот најавен за 20 октомври 2025 година, од М-НАВ оценија дека одлуката на Основниот граѓански суд е законски основана и донесена врз основа на утврдени неправилности во постапката за најавување штрајк.
Штрајкот требаше да се реализира со ограничување на летовите, па дури и со делумно затворање на воздушниот простор во определени термини, но Основниот граѓански суд Скопје донесе времена мерка со која го забрани како незаконски.
