Кошта: Усвојувањето на уставните измени останува единствен начин за почнување на пристапните преговори

Од:

Проширувањето е наша заедничка цел, а иднината на Северна Македонија цврсто припаѓа во Европската Унија, порача попладнево претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Христијан Мицкоски.

– Вашата Влада покажа посветеност и сакам да ги пофалам континуираните напори што ги вложувате. Особено би сакал да го истакнам неодамнешниот опиплив напредок во спроведувањето на реформската агенда кон усвојувањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, што е значајно за пристапниот пат на Северна Македонија, но и за искористување на Планот за раст и пристапувањето. Исто така го поздравувам вашето целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, рече Кошта.

Тоа, како што нагласи, испраќа силен сигнал за стратешката ориентација на Северна Македонија и за заедничките вредности што ги споделуваме.

– Но, усвојувањето на договорените уставни измени останува единствен начин за формално почнување на пристапните преговори. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во ЕУ за граѓаните на Северна Македонија, тоа значи Македонците. Единствен начин да се постигне напредок кон европската интеграција е преку конструктивен дијалог со соседите и преземање прагматични чекори за градење доверба и спроведување на неопходните реформи, изјави Кошта.

Премиерот Мицкоски го повтори ставот – дека Македонија останува цврсто определена кон европскиот пат и дека не бара привилегии, олеснети правила или нешто што не им припаѓа и на другите, туку принципи, кредибилен и предвидлив процес. Земјава, нагласи Мицкоски, бара процес во кој реформите, трудот, заслугите и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани.

Според Мицкоски, Владата во изминатиот период работеше посветено на реформската агенда и така ќе продолжи. Со Кошта, информира, разговарале за европската иднина, состојбите во регионот, реформите, економијата, владеењето на правото и институционалната трансформација.

-Разговаравме и за едно многу подлабоко прашање: дали европската идеја и понатаму останува идеја што инспирира, обединува и создава доверба? Нашата позиција е јасна. Остануваме цврсто определени кон европскиот пат. Не бараме привилегии, не бараме олеснети правила, не бараме нешто што не им припаѓа и на другите. Бараме принципи и нормално, кредибилен и предвидлив процес. Бараме процес во кој реформите, трудот, заслугите и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани. Во изминатиот период работиме посветено на реформската агенда, на јакнење на институциите, на стабилизирање на економијата, на привлекување инвестиции, на подобрување на јавните услуги и на создавање систем што ќе биде поефикасен, поправеден и поблиску до граѓаните. Но, исто така денес отворено разговаравме и за реалноста што ја чувствуваат нашите граѓани. После години чекање, компромиси, очекувања, исполнети барања и чести промени на политичкиот контекст, природно е да во одредена смисла чувствуваат поголема неизвесност, а од друга страна, потребна е поголема извесност. Токму затоа, денес е потребно лидерство. Потребна е јасност, потребна е доверба. Европа била најсилна тогаш кога покажувала визија, политичка храброст и доследност кон сопствените вредности, кога била простор на можности, правда и предвидливост, потенцира премиерот.

На средбата станало збор и за економската интеграција, инфраструктурното поврзување, енергетската сигурност, инвестициите, конкурентноста и за отварање нови перспективи за младите генерации.

Претседателот на Европскиот совет од вчера е во посета на Западен Балкан за да се сретне со лидерите од регионот и да биде копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, на 5 јуни. Кошта ќе разговара за можностите и предизвиците во врска со проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Верувам и дека достоинството, идентитетот и принципиелноста не треба да се пречка за европската перспектива

Предраг Петровиќ

Мицкоски го пречека Кошта, по тет-а-тет средбата ќе има состанок на двете делегации и заедничка прес-конференција

Приведен Стефан Богоев и повеќе лица осомничени дека го искористиле своето влијание, положба и углед за стекнување имотна корист од големи размери

Предраг Петровиќ

Чамците и скутерите летово со ограничено пловење на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро

Кнајсл: ЕУ нема да може да се договори кој ќе преговара со Русија

Кремљ ѝ порачува на ЕУ: Ги преминавте сите црвени линии