Словачкиот премиер Роберт Фицо предупреди дека дури и случаен инцидент со беспилотни летала може да предизвика голема ескалација, дури и светска војна, нагласувајќи дека дијалогот меѓу ЕУ и Русија е неопходен.
Коментирајќи го падот на беспилотното летало во станбена зграда во Романија, Фицо ја критикуваше „воинствената реторика“ во ЕУ и повика на итен дијалог меѓу ЕУ и Русија, истакнувајќи дека мирот е најголема вредност, објави Спутник.
Тој изрази солидарност со Романија, но не ги спомена околностите или потеклото на дронот што се урна во станбена зграда во градот Галац.
„Се надевам дека се сеќавате на моите предупредувања за тоа што може да се случи ако беспилотното летало намерно или случајно се сврти од својот пат. Ова е Трета светска војна“, рече Фицо.
Тој рече дека само целосно неодговорни луѓе кои мислат дека војната е некаков вид компјутерска игра можат да си дозволат да даваат изјави и да зборуваат за војна меѓу ЕУ и Русија.
„Овој инцидент, за кој не знаеме ништо, треба да доведе до напори за започнување дијалог со Русија. Ова е единственото нешто што може да спречи целосна катастрофа“, нагласи Фицо.
Министерството за одбрана на Романија во петокот објави дека беспилотно летало погодило зграда во Галац, при што биле повредени две лица. Романските власти ја обвинија Русија за инцидентот, но не доставија докази, објави Танјуг. Романската војска не го пресретнала дронот, иако го следела со помош на радарски системи. Руските претставници негираа дека руските сили го лансирале дронот што ја погодил зградата во Галац.
