Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз, моментно втор играч во светот, нема да настапи на овогодинешниот Вимблдон.
Алкараз ја потврди одлуката преку социјалните мрежи, објавувајќи дека сè уште не е доволно подготвен да се врати на теренот по повредата.
Шпанецот објави на Инстаграм и откри дека нема да игра на подготвителниот турнир во Квинс, ниту на најпрестижниот Гренд слем во сезоната.
„Моето закрепнување оди добро и се чувствувам многу подобро, но за жал сè уште не сум подготвен да се натпреварувам, што значи дека морам да се повлечам од Квинс и Вимблдон. Тоа се два навистина посебни турнири за мене и многу ќе ми недостигаат. Продолжуваме да работиме за да можам да се вратам што е можно поскоро“, рече Алкараз.
Повлекувањето на Алкараз е огромен удар за Вимблдон и тениските фанови низ целиот свет, со оглед на тоа што Шпанецот е едно од најголемите имиња на трева во последните години.
Неговото отсуство дополнително отвора простор за ривалите во борбата за трофејот, додека тениските фанови остануваат лишени од можни спектакуларни дуели против Новак Ѓоковиќ, Јаник Синер и другите фаворити.
Сè уште не е познато кога Алкараз би можел да се врати на теренот, но јасно е дека неговиот тим не сака да ризикува да ја влоши повредата во остатокот од сезоната.
