Почина д-р Јордан Пачков, истакнат лекар, публицист и долгогодишен општественик од Куманово, кој целиот свој професионален и творечки век го посвети на медицината, пишаниот збор и афирмацијата на родниот град.
Тој почина на 77-годишна возраст, оставајќи зад себе богато творештво и значаен белег во повеќе области – медицината, спортот, историјата и локалната публицистика.
Д-р Пачков беше препознатлив по својата посветеност кон истражувањето и документирањето на локалната историја, како и по љубовта кон Куманово, за кое создаде бројни публикации и дела што претставуваат трајно сведоштво за градот, неговите луѓе и минатото.
Роден е на 11 јули 1949 година во Куманово. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, а својата професионална кариера ја градеше како специјалист по физикална медицина и рехабилитација.
Во текот на својата кариера беше активен и во стручната медицинска јавност. Беше претседател на Организациониот одбор на Првиот меѓународен конгрес на физијатри на Македонија, кој се одржа во Охрид во 2006 година.
Покрај медицината, д-р Пачков беше вклучен и во општествениот и политичкиот живот во државата како член на ВМРО-ДПМНЕ, а во еден период ја извршуваше и функцијата пратеник во македонското Собрание.
