Мицкоски: Се работи на решение да се ограничат местата за брзи кредити до коцкарниците

Од:

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека со предлог-законот за игри на среќа и забавни игри, што го усвои Владата, состојбата во државата ќе се подобри во морална смисла, а најавува и решение со кое ќе се ограничи до коцкарниците да има канцеларии за издавање брзи кредити.

На новинарско прашање Мицкоски денеска рече дека Владата стои во одбрана на законот забележувајќи дека ќе се смени перцепцијата за тоа дека коцкарниците се главна индустрија во градовите.

– Го ветувавме и го работевме овој закон многу внимателно, имајќи ги во предвид сите параметри што се поврзани со оваа индустрија. Има одредени стандарди и политики кои ги води оваа Влада, градовите почнаа да ни наликуваат со овие реклами и билборди како градови каде што коцкарниците се главна индустрија. Тоа не личеше на ништо и не личи на ништо. Со овој закон ќе се стави крај на таа перцепција кај граѓаните. Некако до тие казина, како по правило, се отвораат канцеларии каде што се даваат и брзи кредити, следно на што ќе работиме ќе биде и тоа, рече Мицкоски, потврдувајќи дека се работи да се ограничи тоа.

Според нашата анализа, појасни премиерот, заклучивме дека најголем дел од луѓето како причина за напуштање на државата го користат и тој аргумент- долговите што се наталожиле.

– Ценам дека со овој закон во морална смисла на зборот драматично ќе ја подобриме состојбата во државата, така што апсолутно стоиме зад овој закон и стоиме во одбрана на овој закон, рече Мицкоски, кој присуствуваше на пуштање во употреба на реконструиран дел од ГОБ „8 Септември“.

Со Предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри, усвоен вчера на владина седница, се предвидува сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа во казина, автомат клубови и електронски игри на среќа, да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Во обложувалниците кои се наоѓаат во радиус до 500 метри од училишта, пак, нема да биде дозволено поставување на електронски видео-лотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа. Со законот првпат се воведуваат строги ограничувања за рекламирањето на игрите на среќа, се забранува рекламирање надвор од деловните простории доколку тоа има цел да ги поттикне граѓаните да учествуваат во игри на среќа, се забрануваат пораки кои коцкањето го претставуваат како пат до финансиски успех, подобар живот или решение за лични и социјални проблеми. Дополнително се забранува рекламирање преку познати личности и содржини насочени кон малолетници.

Од Владата инфомираа дека како дел од мерките против нелегалното онлајн коцкање досега се затворени 358 нелегални странски онлајн платформи кои незаконски приредувале игри на среќа на територијата на државата, а кои функционирале без лиценца, без контрола и без никаква заштита за граѓаните.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Ќе се преиспита случајот со увозот на мазут

Мицкоски: Денес нè нарекуваат бугарофили, утре ќе измислат нешто друго

Горан Наумовски

Мицкоски: Македонија се позиционира како регионален транспортен и енергетски хаб

Мицкоски: Никогаш нема да поддржам повеќејазичност во правосудството

Мицкоски: Нема да водиме мекотелна политика и дипломатија за пари како претходната влада

Мицкоски: СДСМ води ПР-стратегија со која истура лаги и не се бори за граѓаните