Австриската јавност е згрозена од бранот морбидни злосторства што со месеци ги тресат гробиштата низ целата земја. Организирани групи крадци на гробови, во потрага по златни заби и пломби насилно ги отвораат ковчезите, оставајќи зад себе морничави сцени.
Како што објави угледниот виенски весник „Ди Пресе“, по првичните инциденти во главниот град, серијата кражби се прошири и во Долна Австрија. Билансот е застрашувачки: досега е потврдено дека дури 240 гробови се осквернавени.
Начинот на кој работат крадците укажува дека станува збор за добро обучени групи.
Според информациите од порталот „Newsflix“, целта се исклучиво гробници со масивни камени плочи. Постапката е секогаш иста – под закрилата на ноќта, разбојниците ја сечат изолацијата, ги поместуваат тешките мермери и ги креваат ковчезите. Фокусот е секогаш на горниот дел од сандакот, кој го сечат точно на ниво на главата на починатиот за да го дофатат скапоцениот метал.
Иако полицијата започна обемна истрага, испраша бројни сведоци и анализираше снимки од безбедносните камери, сторителите се уште се на слобода. Истрагата, според извори блиски до полицијата, моментно е во тек.
