Поранешниот американски претседател Барак Обама даде интервју за списанието „Њујоркер“, во кое се осврна на актуелниот конфликт меѓу САД и Израел против Иран. Како што истакна, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, користејќи слични аргументи, се обиде да го убеди да им дозволи на САД да го нападнат Иран.
„Како и со Доналд Трамп, тој се обиде да ме убеди, но знаев што ќе се случи и одбив. Знаев дека нападот не вреди за последиците. Мислам дека моето предвидување беше точно“, рече Обама.
Тој додаде и дека постојат сериозни прашања за тоа кој требало да има поголема корист од нападот – САД или Израел.
„Нетанјаху го доби она што го сакаше. Дали е најдобро за народот на Израел, тоа е големото прашање. Дали е најдобро за народот на Соединетите Американски Држави и Америка воопшто, тоа е големото прашање“, рече поранешниот американски претседател, истакнувајќи дека честопати не се согласувал со израелскиот премиер.
Тој конкретно ја коментираше реториката на Трамп од почетокот на војната, особено неговите закани за „бришење на цивилизациите“. Тој ги нарече таквите изјави „антиамерикански вредности“.
„Ако не им дадеме глас на тие основни вредности – дека има невини луѓе во земји со лоши влади и дека мора да се грижиме за тие луѓе, дека можеме да правиме грешки ако не внимаваме на ароганцијата и личниот интерес – светот би можел да се распадне на многу лоши начини“, рече Обама.
Укажувајќи на пошироката штета што Трамп ја нанесе на односите на Америка со сојузниците, Обама предупреди дека нивното обнова ќе биде огромен предизвик.
