Иран има намера да продолжи да ја контролира безбедноста на Персискиот Залив и Ормутскиот Теснец, изјави врховниот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, нагласувајќи дека Техеран ја гледа областа како регионална, а не како американска безбедносна зона.
– Иран има намера да ја обезбеди безбедноста на регионот на Персискиот Залив и да стави крај на злоупотребите на непријателот користејќи ја својата практична способност да го контролира Ормутскиот Теснец, рече Хамнеи, објави РИА Новости.
Тој додаде дека Персискиот Залив очекува „светла иднина“ без присуство на САД, нагласувајќи дека Техеран ќе продолжи да ги штити своите интереси и суверенитет во еден од најважните поморски коридори за глобалната трговија со енергија.
Според „Аксиос“, американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли предлогот на Иран за повторно отворање на Ормутскиот Теснец и прекинување на непријателствата, а воедно ги одложи нуклеарните разговори за подоцнежна фаза.
Ормутскиот Теснец, кој го поврзува Персискиот Залив со Оманскиот Залив и Арапското Море, останува една од најчувствителните точки на глобалната енергетска безбедност. Затоа, секоја ескалација во областа има последици не само за односите меѓу Иран и САД, туку и за глобалниот пазар на нафта, безбедноста на пловидбата и позицијата на земјите што зависат од снабдувањето со енергија од Блискиот Исток.
